Една нова научна студија покажа дека консумирањето премногу пржени компирчиња може да го зголеми ризикот од развој на дијабетес Тип 2 за дури 20 отсто. Но она што би можело да загрижи многумина е токму препорачаната максимална количина помфрит – само три порции за седум дена.
Да се разбереме, ништо не се споредува со неодоливиот вкус на врел помфрит попрскан со сол, штотуку изваден од пржењето. Сепак, важно е да се знае дека ова може да има ужасни здравствени последици.
Студијата објавена пред една седмица во престижното медицинско списание The BMJ покажала дека луѓето кои јадат пржени компирчиња три пати седмично имаат 20 отсто поголем ризик од појава на дијабетес Тип 2. Ризикот е уште поголем кај оние кои консумираат компири пет пати седмично – дури 27 отсто.
Сепак, добрата вест за љубителите на компирот е дека истиот ризик не се забележува кај консумирањето варен, печен компир или пире од компири. Со други зборови, начинот на подготовка прави драстична разлика.
Сѐ зависи од подготовката
Меѓународниот истражувачки тим, во кој беа вклучени експерти од Универзитетот во Кембриџ, ги анализирал здравствените податоци од повеќе од 205.000 американски здравствени работници. Нивните навики во исхраната беа следени преку редовни анкети, а нивното здравје било следено скоро четири децении. Во текот на овој долгорочен период на следење, биле регистрирани околу 22.000 случаи на дијабетес Тип 2.
„Ризиците поврзани со консумацијата на компир варираат во зависност од начинот на подготовка“, пишуваат авторите на студијата. „Поврзаноста помеѓу поголем внес на компири и зголемен ризик од дијабетес Тип 2 првенствено се должи на консумацијата на помфрит“.
Интересно е и тоа дека истражувачите откриле оти замената на три порции компири неделно со интегрални житарки може да го намали ризикот од дијабетес Тип 2 за 8 отсто.