НСДП: Не успеа обидот на ВМРО-ДПМНЕ за манипулација со граѓаните

од Берта Китинска
216 прегледи

НСДП се согласува со одговорот на претседателот на Собранието Талат Џафери до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, која достави граѓанска иницијатива за референдум против Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, велат од НСДП.

Тие посочуваат дека уште при најавата на иницијативата било оценето дека таа е спротивна на Уставот и треба да се отфрли.

-Јасен е обидот на ВМРО-ДПМНЕ за создавање тензии и за манипулација со граѓаните, преку доставување иницијативата за која и самите знаат дека е неуставна и дека ќе биде одбиена, затоа што ова собраниско мнозинство и претседателот на Собранието постапуваат исклучиво во согласност со Уставот, законите и собранискиот Деловник, како и во интерес на стратешките цели на нашата држава, како што се постигнатото членство во НАТО и почетокот на преговорите за полноправно членство во ЕУ.НСДП е против спроведување референдум за прашања за кои државата усвоила стратешки документи во 90 – тите години од минатиот век и целокупната државна политика и реформи во изминатите 31 година од независноста на државата се во насока на исполнување на критериумите за зачленување во ЕУ и во НАТО, велат од партијата.

Тие сметаат дека вистинската намера на опозицијата е референдумот да го искористи во политички цели за проверка на нивната поддршка, а не во насока на зајакнување на државната политика на прогрес и чекорење напред.

-Оваа иницијатива беше уште една измама на Мицкоски за спас на сопствената фотелја во белиот дворец и на бизнис интересите на неговата клика.Иницијативата на Мицкоски е директно насочена кон попречување на патот кон ЕУ, против македонскиот јазик во ЕУ и против заштита на македонскиот идентитет, македонската посебност, посочуваат од партијата.

Слични содржини