НСПВ обвини дека Министерството за одбрана ја сопрело членарината

од Nikola Popovski
248 прегледи

Независниот синдикат на професионални војници обвини дека Министерството за одбрана ја сопрело уплатата на членарината со што се прави обид да се попречи неговата работа. Синдикалецот Александар Насковски, вели дека со оваа постапка се прекршуваат Колективниот договор, Законот за работни односи и конвенциите потпишани со Меѓународната организација на трудот.

Оттаму побараа реакција од Обвинителството по поднесената кривичната пријава против лица кои, како што велат, направиле хаос.

Од Министерството за одбрана објаснуваат – во мај добиле информација дека Насковски е разрешен од функцијата претседател на Независен синдикат, а на неговото место бил поставен Зоран Павловски. Насковски потоа формирал нов синдикат со подружница со исто име, па ваквата недоречена ситуација создала несигурност и сомнежи кај службениците. Оттаму додаваат дека Министерството за одбрана ќе исплати членарина на оној правен субјект на кој членовите со пристапници ќе се изјаснат дека припаѓаат.

За вторник е закажан состанок. Министерката Славјанка Петровска повика на обединување на петте синдикати во интерес на правата на вработените.

По наводите, стаса реакција од МО во која се вели дека Насковски уште во мај 2023 година е разрешен од функцијата претседател на синдикалната организација Независен синдикат на професионални војници.

-Во врска со наводите изнесени на денешната прес-конференција ве информираме дека во мај 2023 година претседателот на Мултиетничкиот синдикат за образование го информира МО дека Александар Насковски е разрешен од функцијата претседател на синдикалната организација Независен синдикат на професионални војници – подружница на Мултиетничкиот синдикат за образование. Во ноември Министерството за одбрана е информирано дека нов претседател на овој Синдикат е Зоран Павловски, стои во соопштението на МО.

Во меѓувреме, од Министерството за одбрана велат, Насковски формира нов синдикат МЕС и во рамките на тој, нова подружница со исто име како и претходниот синдикат и пријавува нова жиро сметка за истоимена синдикална организација како нов правен субјект.

Слични содржини