На жителите на Њу Делхи и околните градови им беше кажано да не ги напуштаат своите домови, а врховниот суд на земјата побара од извршната власт да воведе неколкудневен карантин. Воздухот е толку загаден што се забележува и до пет пати поголема концентрација на ПМ честички од дозволената.
Врховниот суд на Индија ги повика властите да преземат итни мерки за решавање на проблемот со токсичниот смог во Њу Делхи, кој достигна рекордно ниво во последните неколку дена.
„Дали знаете колку е лоша ситуацијата? Луѓето мора да носат маски во своите домови “, рече судијата на Врховниот суд Н.В. Раман, критикувајќи ги владините службеници, кои признаа дека загадувањето е толку силно што на жителите им е подобро да пушат 20 цигари дневно отколку да го дишат воздухот во градот.
Квалитетот на воздухот во Њу Делхи инаку е прилично лош, но во последните денови се влоши со масовното палење на стрништата. Палењето на остатоците од реколтата е забележано на повеќе од 4.000 фарми, што го влошило загадувањето за околу 40 отсто.
Во петокот индексот на квалитетот на воздухот достигна 471, додека во саботата отиде на 499, многу пати повеќе од препорачаното.
Централниот совет за контрола на загадувањето соопшти дека при мерењето на дневниот просек нивото на ПМ2 честичките во Њу Делхи вчера наутро надминало 300, а до попладневните часови изнесувало 381 микрограмо на метар кубен, што е шест пати повеќе од препорачаната горна граница од 60.