Заменик-министерот за Внатрешни работи Агим Нухиу претпладнево беше во работна посета на полициската станица Гостивар за да им ја пренесе поддршката на вработените во справувањето со сите видови криминал.

Нухиу придружван од соработниците на средбата со командирот и раководството на полициската станица Гостивар беше информиран за состојбите и работењето на гостиварското подрачје.
– Сакам да порачам дека оваа станица има добри резултати и дека во оваа нова 2018-та, заедно со граѓаните, граѓанскиот сектор и медиумите ќе отвориме нов фронт за посилно и поагресивно да се бориме со сите облици на криминал. Посебен акцент ставаме на справувањето со трговијата со наркотици и превенцијата, особено во средините како што се училиштата – рече Нухиу.
Запрашан за коментар на прозивките на гостиварскиот градоначалник за командирот на полициската станица и неговата работа, децидно одговори дека нема забелешки и дека е задоволен од неговата работа.
Командирот на полициската станица Гостивар Гази Абдураими информираше дека новогодишната ноќ поминала мирно, а воедно им се заблагодари на граѓаните за примерното однесување. Тој на новинарско прашање околу прозивките за неговата работа потенцира дека веќе одговорил и во писмена форма.
Од СВР Тетово информираа дека новогодишната ноќ и во тетовско поминала мирно и без посериозни инциденти.