Со барање, Владата да ги затвори угостителските објекти, денес излезе Независната угостителска комора.
Имено, со моменталните мерки кои опфаќаат работа до 21 часот, угостителскиот сектор е пред крах, со оглед на тоа дека објектите не остваруваат ниту 10 проценти од прометот споредбено со истиот период минатата година.
Исто така, и помошта која им ја нуди Владата, големиот дел не можат да ја земат, бидејќи не ги остваруваат условите.
Владата пак преку пет мерки од четвртиот сет со 7,5 милиони евра паланира да го помага туристичко угостителскиот сектор. Ќе се враќаат парите од ланската туристичката такса за привремен престој за 2019- та година. Туристичките агенции ќе добијат грантови од 3 до 7 илјади евра, ќе има грантови за рестораните за свадби од 3 до 10 илјади евра, игротеките ќе можат да добијат до 5 илјади евра, а лиценцираните туристички водичи помош од 65 илјади денари. Аплицирањето почнува од денска, на платформата „Дома си е дома“.
Инаку порано денес, министерот Бектеши ги презентираше новите мерки. И додека најпогодениот сектор од корона кризата е на раб на пропаст, Министерот е задоволен од реализацијата на досегашните мерки.