„Со предизборните кампања на угостителите им беше ветено унифицирање на данокот на додадена вредност со една единствена даночна стапка од 10% ДДВ за сите ресторантски услуги. За жал Владата истата ја спроведе со парцијално решение на воведување на данок на додадена вредност во висина од 10% исклучиво за услуги на предавање на храна и на пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги, со исклучок на алкохолни пијалаци. Со воведување на новата повластена стапка останаа во важност претходно важечките стапки во висина од 5% и 18% со што од 1-ви Јануари во угостителската индустрија постојат 3 стапки на ДДВ и тоа 5%, 10% и 18% што на некој начин со почетокот на новата 2021 година создаде хаос во работењето“, соопштуваат утрово од Независната угостителска комора (НУК).
„Воведувањето на новата даночна стапка во угостителството нема сите угостители рамноправно да ја осетат. Рестораните, гостилниците, националните ресторани и сите оние кој работат со храна кои ќе имаат поголем бенефит од кафетериите, баровите, пивниците, ноќните клубови и дискотеките кои работат само со пијалоци. Краткорочни и брзи позитивни ефекти со воведувањето на новата стапка нема да има ниту пак битно влијание во работењето или брзото заздравување на угостителската индустрија од пандемијата Ковид-19. Долгорочно гледано бенефитите и покрај тоа што не е во целост применета новата стапка од 10% на сите угостителски услуги ќе има позитивен ефект во законското работење на угостителите.
Дополнителен проблем во моментов е што голем број на угостители нема да можат веднаш да го користат бенефитот од новата повластена даночна постапка затоа што со исклучок на ДАВИД Компјутери кои на својата страна објави упатство како да се подесат фискалните принтери за користење на новата повластена ставка останатите продавачи и сервисери на фискални апарати сеуште немаат објавено соодветни упатства.
За хаосот да биде поголем на сето ова создава и ПРАВИЛНИКОТ направен од Министерството за финансии за начинот на воведување на новата стапка на ДДВ во висина од 10% кој е објавен во Службен весник бр. 315 еден ден пред почетокот на неговата примена на 30ти Декември 2020 година што остава многу кратот рок на прилагодување на ПОС системите кај угостителите и користење на новата повластена даночна стапка.
Со новата даночна стапка се појавува и понатаму проблемот и можноста за различно толкување и правото на користење на двете повластени стапки од 5% и 10% во еден ист објект кои се употребуваат за достава на храна со 5% ДДВ и предавање на храна и на пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги со 10% ДДВ.
Поради пандемијата Ковид-19 голем број угостителските објекти воведоа во своето работење достава на храна. Угостителите кои покрај предавањето на храна на лице место и кетеринг услуги ќе сакаат да продолжат да работат со достава на храна и примена на повластената даночна стапка од 5% ќе треба да регистрираат посебни подружници во своите објекти со посебни фискални апарати преку кои ќе го остварат правото на користење на оваа повластена даночна стапка како би се избегнеле можноста за манипулација и повторна злоупотреба на правото на користење и толкување на даночната политика и од страна на угостителите и од страна на даночните инспектори.
Независната угостителска комора ќе се заложи во наредниот период што побрзо Владата да го доисполни своето изборно ветување за една даночна стапка за сите угостителски услуги односно да ја исправи грешката што ја направи со парцијалното воведување на новата повластена стапка од 10% за услуги на предавање на храна и на пијалаци за консумација на лице место и кетеринг услуги, со исклучок на алкохолни пијалаци.
Покрај проблемите на усогласување на новата повластена даночна стапка угостителите во наредниот период треба да извршат и усогласување на класификација на своите услуги од Македонско потекло за потребите на МојДДВ за што Независната угостителска комора ја превзема иницијативата за формирање на единствен регистар на производители и добавувачи во угостителската индустрија со целосен попис на сите производи и услуги кои се употребуваат во угостителството“, додаваат од НУК.