„Дали навистина граѓаните, гостите и угостителите на Град Скопје добија независен Градоначалник или бившата Претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија и неговите членки си добија сопствен Градоначалник“, прашуваат од НУК.
Независната угостителска комора на 25 Ноември 2021 година до Градоначалничка на Град Скопје достави барање за работна средба – работен појадок со угостителите од град скопје и дискусија за унапредување на угостителската индустрија во Град Скопје, додека на први Декември 2021 година доставиле и потсетување на поканата за работна средба – работен појадок со угостителите од Град Скопје.
„Дури и двата телефонските разговори со секретарката на Кабинетот на Градоначалничката на тел. број 02-3297204 за информација за очекување на добивање повратна информација и пред новогодишен термин за организирање на работната средба не вродија со резултат на добивање конкретен одговор, што не води до заклучокот и прашањето за тоа со каков Градоначалник ќе ја развиваме угостителската индустрија во градот Скопје“, велат од НУК.
„Со цел да можеме да се запознаеме повеќе со програмите, плановите и идеите што Градоначалниците ги планираат за развој и поддршка на угостителите и угостителскиот сектор и да ги информираме за очекувањата и проблемите со кои угостителите на локално ниво се соочувале во минатото работење започнавме со барања за организирање на годишни работни средби.
Првото барање е доставено до Градоначалничката на Град Скопје со цел да се запознаеме со нејзината програма за поддршка, развој и унапредување на работењето на угостителите и ноќниот живот. Во иницијалното барање доставивме предлоза на генерални точки за дискусија и тоа:
* Планирани активности и стратегии на Град Скопје поврзани со угостителите и угостителската индустрија за време на мандатот на новата градоначалничка Данела Арсовска
* Можности и начини на соработка со Градот Скопје и македонските општини односно ЗЕЛС за начини и бенефити од креирање на единствен заеднички национален регистар на угостителски објекти, сместувачки објекти од мал обем и регистар на физички лица што вршат угостителска дејност
* Барање за отворање на Канцеларија за ноќен живот и култура и именување на Градоначалник за ноќен живот по примерот на останатите Европски главни градови за промоција на ноќниот живот
* Предлози, насоки и стратегии за развој на угостителската индустрија во Град Скопје од страна на угостителите со барање за усогласување на постојните правилници на локално ниво поврзани со угостителската индустрија.
„Жално е што и покрај потсетувањето и телефонските контакти веќе трета недела немаме никаков одговор. Игнорантскиот однос ни укажува или новата Градоначалничка ниту имала ниту планира никаква програма и идеја за поддршка, развој и унапредување на работењето на градските угостители или едноставно и просто кажано нема намера воопшто да се замара со угостителите на град Скопје кои не се членки на Сојузот на стопански комори на Македонија“, се додава во соопштението.