НУК се задоволни од шестиот пакет мерки: Владата конечно ги прифати нашите сугестии

од Nikola Popovski

Независната угостителска комора (НУК) соопшти дека Владата конечно ги прифатила нивните континуирани сугестии и препораки и донела посебен шести антикризен пакет наменет за угостителската индустрија кој полека се приближува до реалните и неопходните мерки неопходни за спас и одржување на овој сектор.

„Континуираното медиумско укажување од страна на Независната угостителска комора на Владата за несоодветните и селективни мерки за угостителите и угостителската индустрија конечно вроди со плод. Благодарение на медиумите за помошта и поддршката во исправања на неправдата нанесена на угостителската индустрија донесените мерки наликуваат на вистинските мерки за реална рамноправна и неселективна неповратна финансиска помош за сите угостители и угостителски работници. Да не се заборави дека со шестиот пакет мерки треба да бидат делумно опфатени и угостителските објекти со шифрата 55.10 кои во своето работење имаат угостителски дел за исхрана (ресторани) кои исто така за периодот кој се однесува мерката се затворени“, велат од НУК.

Според НУК, доколку еден ресторан за настани (свадби, прослави, настани и слично) со просечен број од 20 пријавени вработени во 2019 година организиран 20 настани месечно со 200 луѓе и просечно мени од 930 денари (15 евра) по лице согласно мерка 4 од шестиот сет мерки треба да добие неповратна финансиска помошо за надомест на штета за овие 21 ден во висина од 1.272.600 денари.

-Ноќен клуб кој може да прими до 300 гости со просечен број од 10 пријавени вработени во 2019 година кој работел само петок, сабота месечно со просечен промет од 150.000 денари од вечер согласно мерка 4 од 6-тиот сет мерки треба да добие неповратна финансиска помошо за надомест на штета во висина од 435.500 денари, дополнува НУК.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека имале јасна намера и понудиле одреден модел со кој ќе биде поддржан секој субјект од угостителството и туризмот.

– Одобривме вчера пакет од 17,8 милиони евра за еден сектор за којшто навистина сметаме дека е битен, без никакви скриени намери. Го понудивме тоа со што во овој момент државата може да помогне, оцени вчера Битиќи.

Според него, ефектот од досега понудената помош е 100 проценти.

– Можеме да кажеме дека четирите пакети коишто Владата ги донесе минатата година покажаа дека ефектите се видливи кога знаете умешно да испланирате и таргетирано да ја дадете помошта. Ја завршивме 2020 година со пад од минус 4,5, а без помошта која што ја даде Владата, падот би бил 8,7 проценти и тоа е суштинска разлика. Сме направиле ефект од 100 отсто од тоа што сме го дале, рече вчера Битиќи во изјава дадена по потпишувањето на договорот за државна помош со германската компанија „Дрекселмајер“.

Слични содржини