Фудбалскиот клуб Њукасл ќе купува оваа зима и ќе се обиде да донесе неколку играчи кои би можеле да дадат инстантен придонес и да го спасат тимот за испаѓање во Чемпионшип.
„Страчките“ се уште се мачат во зоната за испаѓање и „флертуваат“ малку со Чемпионшип, малку со опстанокот. Тие забележаа само една победа во кампањата, против Барнли, но охрабрува ремито забележано во понеделникот против Манчестер Јунајтед. Тимот во голема мера го контролираше натпреварот против тимот на Рангник, можеше да триумфира, но Давид де Хеа по кој знае кој пат имаше своја вечер.
Сепак, токму во тој натпревар загубија двајца од нивните најдобри играчи – Калум Вилсон и Алан Сен Максимен. Англискиот напаѓач и најдобриот стрелец на тимот во еден момент почувствува болка во листот и се најде на земја без контакт со противничкиот играч. Според првите прогнози, го чека пауза од неколку месеци, се споменува дури и март, што е главоболка за целиот клуб.
Ситуацијата со Сен Максимен е нешто попозитивна и тој не треба да отсуствува долго време. Сепак, со и без нив двајца, и онака лошиот Њукасл е тим од кој не може да се очекува подобрување. Вилсон и Сен Максимен постигнаа 10 од 19-те гола на Њукасл во Премиер лигата оваа сезона, што е јасен показател за насоката во која би можела да се движи кампањата по новата година.
Затоа, Еди Хау и новите сопственици на клубот ќе мора да ги променат зимските планови. Првично не требаше да се размислува за напаѓач, сега „страчките“ и некое такво име ќе треба да додадат на списокот за јануари. Дополнително, Хау ги „заокружи“ позициите одбранбен играч за врска, стопер и лев бек.
Тешко е да се зборува за имиња. Прашање е кој би сакал да ја прифати неблагодарната задача и да се обиде да го спасува клубот во оваа тешка сезона. Не се далеку од сигурната зона, само два бода зад очајниот Ватфорд, но ситуацијата со повредите, особено кај Вилсон не е оптимистичка.