Фудбалскиот клуб Њукасл стапил во контакт со Манчестер Јунајтед во врска со доведувањето на Џеси Лингард, објавија денеска британските медиуми.
Според „Скај“, се верува дека Лингард би ја разгледал секоја понуда од Њукасл и евентуалното потпишување на постојан договор.
Договорот на Лингард истекува на лето и тој не сака да ја продолжи соработката со Јунајтед.
Тој е добар пријател со Киеран Трипие, кој неодамна се пресели во Њукасл од Атлетико Мадрид, и се смета дека е импресиониран од способноста на клубот да привлече играчи со негов квалитет.
Лингард во јануарскиот преоден рок би можел да преговара за преддоговор со други клубови, а во текот на летото би можел бесплатно да го напушти „Олд Трафорд“.
Според медиумот, поранешниот тренер Оле Гунар Солскјер му рекол на Лингард дека ќе игра поредовно оваа сезона, но тој започнал само еден натпревар пред Норвежанецот да добие отказ во ноември. Тимот го презеде Ралф Рангник, кој го вклучи само еднаш 29-годишниот Лингард во првиот тим од неговото доаѓање.
Лингард поради малку минути не беше повикан во репрезентацијата на Англија во повеќето натпревари во ноември, па затоа сака да игра редовно за да се избори за место во тимот за Светското првенство во Катар.