Украинската нуклеарна централа Запорожје, која е под руска окупација, ја загуби врската со последниот преостанат надворешен далновод меѓу средата и четвртокот и се префрли на резервно напојување, објави украинската државна електроенергетска компанија „Енергоатом“.
„Енергоатом“ објави дека најголемата европска нуклеарна централа е на работ на затворање бидејќи резервното напојување има помалку од половина од капацитетот на главната.
„Ваквиот режим е тежок за нуклеарната централа, неговото времетраење е ограничено од дизајнот на централата и може да доведе до откажување на главната опрема на енергетската единица“, објави „Енергоатом“ на Телеграм.
Нуклеарната централа Запорожје, која има шест реактори, е под контрола на руската војска уште од првите денови на инвазијата на Украина во февруари 2022 година.
Таа стана една од централните точки на конфликтот. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за гранатирање. Меѓународната агенција за атомска енергија се обидува да воспостави безбедносен механизам за спречување на можни несреќи.
Ниту еден од шесте реактори не произведува електрична енергија.
Раководството на нуклеарната централа назначено од Русија објави дека Реакторот 4 е префрлен од „топла“ во „ладна“ фаза на исклучување поради истекување на пареа.
Еден од шесте реактори мора да биде во „топла“ фаза на исклучување за да се произведува пареа за потребите на нуклеарната централа.
„Вработените во нуклеарната централа откриле знаци на истекување на пареа од цевката на генераторот на пареа број 3“, соопштија од раководството. „Со цел да се задоволат потребите на нуклеарната централа Запорожје за пареа, се размислува за префрлање на единицата 6 во ‘топла’ фаза на исклучување“, се додава.