Нуњез го спаси Ливерпул во 99. минута и стави крај на 40-годишно проклетство

од Nikola Popovski
411 прегледи

Фудбалерите на Ливерпул го совладаа тимот на Нотингем Форест со резултат 1:0 во 27. коло од Премиер лигата. Се очекуваше дека ќе биде тешко за тимот на Ливерпул со оглед на проблемите со повреди кои ги имаат избраниците на Јирген Клоп, па затоа играта не беше премногу возбудлива. „Црвените“ не можеа да го пробијат ѕидот на „шумарите“, па немавме можност да видиме реални шанси.

Клоп се обиде да го размрда тимот со промени во вториот дел. Дури пет играчи беа заменети од страна на германскиот стручњак, но кога го внесе Дарвин Нуњез во тимот, се покажа како полн погодок. На самиот крај, судијата го продолжи натпреварот за осум минути и веќе се изгледаше дека Ливерпул ќе доживее кикс што може скапо да го чини во борбата за титулата. Сепак, по корнерот изведен од Собослај и големата гужва во шеснаесетникот, топката се одби и се чинеше дека Нотингем се одбрани, но Мекалистер стигна до неа и со центаршут го пронајде Нуњез, кој постигна гол и го одведе Ливерпул до драгоцени три бода.

Триумфот што го оствари тимот на Јирген Клоп е прва победа на „црвените“ на гостувањето кај Форест од октомври 1984 година – оттогаш Нотингем шест пати го одзема целиот плен, а седум пати беше нерешено.

По овој меч Ливерпул остана на првото место во шампионатот со 63 бодови, додека второпласиран е Манчестер Сити со 59 бодови и натпревар помалку.

Слични содржини