Нуредини го разгледува извештајот за „УСЈЕ“: Aко има некој пропуст, ќе има санкции

од Nikola Popovski
196 прегледи

Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини најави дека го разгледуваат извештајот од вонредната инспекција на „Усје“и ќе продолжат со процедурите што се законски потребни.

-Ако има некој пропуст, ќе има и санкции на таа фирма, рече Нуредини откако вчера градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска обелодени дека покренала кривична постапка против Цементарницата поради загадување на воздухот во главниот град.

На прашањето дали ги отфрлува обвинувањата на градоначалничката Данела Арсовска, Нуредини одговори дека не, но, „како Министерство, не преземаме кривична против никого“.

Според анализа што траела една година, како што кажа министерот, се покажало дека 35 отсто до 45 проценти, загадувањето во градот Скопје доаѓа од палење на биомаса. На второ место биле стари возила.

-Повеќе нема никој да биде толериран. Здравјето на сите нас којшто живееме тука не смее да зависи од профитот на неколкумина. При последното мерење констатирано е драстично пречекорување на испустот на штетни честици со што се нарушува квалитетот на амбиенталниот воздух. Дополнително од котларата за загревање на цементарницата утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди, при што мерењата покажуваат повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 мг, односно покажуваат 711 мг на метар кубен, обвини вчера Арсовска на прес-конференција.

Цементарницата ги отфрла, како што велат, неоснованите ставови изнесени во јавноста. Од фабриката истакнуваат дека вонредната контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина, спроведена на 3. и 4. јануари 2023 година, во присуство и на инспектори од Град Скопје, потврди дека емисиите од производниот процес во Цементарница Усје се пониски од дозволените гранични вредности.

-Производниот процес во Цементарница Усје се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди. На прес конференцијата без изнесени и податоци за мерења на 26. и 27. декември 2022 година. Вакви мерења во овие денови во кругот на фабриката воопшто не се направени, па оттука резултатите од нив не можат да се поврзат со УСЈЕ, информираа од УСЈЕ.

Слични содржини