Фондацијата Фридрих Еберт, во соработка со Амбсадата на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, денеска организираа конференција на тема „Интензивирана соработка: Обновениот Берлински процес и иднината на регионалната соработка во Југоисточна Европа” на која се обратија министри од земјата и регионот, координатори, советници и претставници на граѓански организации.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини истакна дека реализацијата за Зелената агенда за Балканот бара регионална соработка и градење на регионално усогласени зелени политики.
„Во однос на постигнувањето на климатските цели и постигнувањето на економија со нула емисии, најголем предизвик е декарбонизација, бидејќи од една страна се соочуваме со енергетска криза, а од друга страна со застарени технологии во најголемите енергетски капацитети. Тие се уште користат јаглен од причина што историски гледано како држава многу малку сме инвестирале во овој сектор, особено во промената на енергенсите што ги користат и нивно ориентирање кон обновливи извори на енергија. Патот кон декарбонизација иако на национално ниво е јасно зацртан, тој мора да се потпира и врз регионално усогласени политики за спроведување на праведна зелена транзиција”, истакна Нуредини.