Секое населено место мора да има пристап до вода за пиење. Ваква порака испрати министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, од општина Желино, каде започнува изградба на секундарна водоводна мрежа со разделни шахти за приклучување на потрошувачи за населеното место Мерово.
Од ресорното министерство информираат дека овој проект тежи над 5,5 милиони денари.
„Вкупната вредност на проектот изнесува 5.637.230,00 денари, од кои 5 милиони денари се обезбедени од МЖСПП преку Програмата за управување со води за 2022 година. Овој проект е дел од проектот кој треба да се дореализира со програмата за 2023 година и ќе овозможи пристап до чиста вода за домаќинствата на уште едно населено место во Полог“, информираат од министерството за животна средина и просторно планирање.