Нуркиќ: Се обидов да купам вакцини за цела БиХ

од Vladimir Zorba
327 прегледи

Членот на Портланд Трејл Блејзерс, Јусуф Нуркиќ, за ЕСПН изјави дека се обидел да купи вакцини за коронавирус за БиХ, но дека не бил во можност да го стори тоа поради правилата во САД, според кои вакцините не смеат да се продаваат се додека не се вакцинира популацијата во таа земја.

„Тие имаат само донации, но не доволно за вакцинирање на целото население“, рече Нуркиќ за БиХ.

„Се обидов да ги купам за целата земја. Јас ги обезбедив парите, имав план, сè. Но, сè уште не можеме да го сториме тоа. Дури и ако најдеме вакцини, се чини дека американските закони велат дека сè додека не се вакцинира американскиот народ, вие не можете да ги продавате. Па не знам што друго да направам. Јас навистина се обидов“, додаде тој.

Но, она што е уште потешко за Нуркиќ е што многу вакцини завршуваат неискористени во САД, и тој со задоволство би ги купил за БиХ.

„Сите овие земји страдаат, а вие ги имате САД, очигледно број 1 во светот, кои имаат вакцини и луѓето не сакаат да се вакцинираат. Чувствувам дека човештвото некако пропадна, затоа што сите земји треба да добијат барем дел од овие вакцини, нели?“, рече Нуркиќ.

ЕСПН наведува дека она што дополнително го поттикнало Нуркиќ да купи вакцини е фактот дека неговата баба, која живее во БиХ, неодамна прележала Ковид-19 и дека опциите за неа биле многу ограничени во однос на вакцинациите.

„По 17 дена, таа го преболи Ковид. Потоа, на 19-ти, доживеа срцев удар. Тоа беше неверојатно“, рече тој.

Слични содржини