Феникс Санс синоќа без поголеми проблеми забележа победа над најлошиот тим во НБА, Вашингтон Визардс.
Резултатот беше 119:109 за тимот на Аризона, а Кевин Дурент (20 поени) и Ник Ричардс (20 поени, 19 скокови) беа предводници на „сонцата“.
Центарот Јусуф Нуркиќ по долго време беше во кадар, но натпреварот го следеше од клупата за резерви. Тој откри дека два месеци не разговарал со тренерот Мајк Буденхолцер.
„Така е. Животот не е фер. Тешко е да се разбере што се случува. Се трудам да направам се што се бара од мене. Тоа е НБА”, изјави Нуркиќ и продолжи: „Немаме никакви односи. Во ред е. На мене е да бидам професионалец и да дадам се од себе. Немам намера да внесам хаос во тимот, доста ни е од тоа“.
На неговата изјава реагираше Буденхолцер, кој истакна дека Нуркиќ има право да биде фрустриран бидејќи не играл некое време.
Да потсетиме, Санс веќе некое време се обидуваат да го трејдуваат босанскиот репрезентативец, но проблем е неговиот дарежлив договор, кој ниту еден тим во моментов не е подготвен да го прифати.