ОЈО предлага мерка притвор за двете лица осомничени за грабнувањето на внукот на Љубе Бошкоски

од Nikola Popovski
188 прегледи

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека извршиле дејствија на кривично дело –  Грабнување од член 141 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Ова се однесува на случајот со киднапирањето на Самоил Костадиновски, кој е внук на поранешниот министер и лидер на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.

Според ОЈО Скопје, двете лица на 3 март заедно учествувале во дејствија на грабнување на Костадиновски во Кисела Вода.

-Осомничените, на возраст од 30 и 25 години, претходно по предлог на Обвинителството, а со решение на Судот беа задржани во краткотраен притвор во траење од два пати по 48 часа со цел обезбедување докази. Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, особени околности кои го оправдуваат стравот дека осомничените ќе се обидат да ги скријат или уништат трагите на кривичното дело, ќе влијаат врз сведоците или ќе го повторат делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје сега достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, стои во дописот од Скопското обвинителство.

Министерството за внатрешни работи (МВР) се уште трага по 26-годишниот Костадиновски за кој е пријавено дека е исчезнат во саботата наутро на 4-ти март.

Повеќе негови пријатели и познаници споделија дека Костадиновски за последен пат бил виден како влегува во возило во близина на Чешката амбасада во Скопје, по што телефонот му е исклучен и му се губи секаква трага. Дел од нив објавија на социјалните мрежи дека бил киднапиран, но набрзо таквите објави беа избришани.

Костадиновски е внук од брат на Виолета, сопруга на Љубе Бошкоски.

Слични содржини