Еколошката организација „О2 Иницијатива“ предупредува дека повторно се случува исто сценарио како во минатото, односно има обид за експресни измени во Законот за урбанистичко планирање и тоа за време на летните одмори. Ги повикуваат сите пратеници да не ги гласаат измените и да бараат истите да бидат отстранети од предлог-законот.
Од организацијата тврдат дека закон со толкав импакт се менува фреквентно поради актуелната потреба, а не се става на здрава основа, осмислен и усогласен со сите други актуелни, па и планирани закони со кои се преклопува.
-Еве ги издвоените измени во Предлог-законот, па проценете самите: се предлага БРИШЕЊЕ на одредбата со која јасно е утврдено дека урбанистичките планови кои започнале по старите закони и не успеале да се завршат во рок од 4 години од стапување на сила на законот (18.02.2020), истите да продолжат по новиот закон. Со бришење на овој дел, ќе се овозможи стариот закон неограничено да се користи, наместо ДУПовите конечно да тераат по сегашниот закон. се планира да се ИЗБРИШЕ делот кој уредува ако нема согласнот од Министерство за транспорт, одлуката за носење на урбанистичкиот план да е ништовна и министерот за транспорт да донесе решение за забрана на применувањето на планот. Со бришење на овој дел ќе се овозможи носење на ДУП без согласност и потоа оди докажувај се пред Уставен суд со годинии, а во меѓувреме ќе си се гради и ќе си се гради по тој ДУП. се предлага БРИШЕЊЕ на одредбите поврзани со обврската за обезбедување на потврда за урбанистичка усогласеност, со објаснување дека во пракса оваа одредба не се применува поради неусогласност со актуелниот Закон за градење. Зошто тогаш Законот за градење не се измени, за да може да се спроведе оваа одредба?! се планира САМО со урбанистички проект да се реализираат катни гаражи за кои не е донесен детален урбанистички план. Измените се ставени по скратена постапка на собраниска седница во понеделник, 12.8.2024, стои во реакцијата на „О2 Иницијатива“.