Папата Франциск вчера попладне беше хоспитализиран во поликлиниката Гемели, откако почувствувал слабост поради кардио-респираторни проблеми кои го погодиле пред ручекот во Санта Марта.
Светата столица на почетокот зборуваше за „претходно закажани прегледи“. Вчера вечерта Ватикан уште еднаш соопшти дека папата има респираторна инфекција која ќе го задржи неколку дена во болница.
Според последните информации од болницата, папата има воспаление на плуќата.
„Папата Франциск е трогнат од бројните пораки кои ги доби и изразува благодарност за блискоста и молитвите“, изјави портпаролот Матео Бруни.
Со оглед на тоа дека хоспитализацијата ќе трае „неколку дена“, прашање е дали папата Франциск ќе ја предводи мисата за Велигден.
Папата (86) претходно во средата одржа општа аудиенција во Ватикан, а се чини дека сè уште не се чувствува добро бидејќи неговите соработници го придржуваа додека се качуваше во попамобилот и имаше болни гримаси на лицето.
„Во очекување на резултатите од лекарскиот преглед, состаноците на Светиот Отец закажани за четврток се откажани“, изјави извор од Ватикан за „Франс прес“.
Папата Франциск боледува од дивертикулитис, кој може да предизвика инфекција или воспаление на дебелото црево. Дел од дебелото црево му беше отстранет со операција во 2021 година во болницата Гемели.