Обамејанг: Барселона е шансата на мојот живот, едвај чекам да се разбудам наутро

од Vladimir Zorba
371 прегледи

Пјер-Емерик Обамејанг едвај чека да заигра за Барселона. Тој пристигна од Арсенал како слободен играч откако Британците го раскинаа неговиот договор на последниот ден од пазарот. „Барса е шансата на мојот живот. Едвај чекам да се разбудам наутро. Како дете сонував да играм во Шпанија. Не размислував 2 минути откако дојде понудата“, рече тој.

Сепак, 32-годишниот фудбалер не е на теренот од 6 декември.

„Не сум играл некое време, но се ми е јасно во главата. Наскоро ќе бидам подготвен да помогнам и полека да се вратам на врвот. За мене сега е шанса да ја освојам Лигата на шампионите бидејќи никогаш не сум го направил тоа. Барса мора да го освои турнирот бидејќи е голем клуб и затоа сум тука. Мораме да направиме се за да се вратиме на турнирот и да триумфираме“, инспириран е репрезентативецот на Габон.

Обамејанг откри на која позиција се очекува да игра: „Разговарав со Чави Ернандез и тој ме гледа како број 9. Наскоро ќе бидам подготвен за тоа. Но, ако ме сака на крило, нема проблем. Имав среќа да играм во англиската Премиер лига и немам проблем да се навикнам овде. Многу години луѓето ме познаваат како брз напаѓач кој постигнува голови. Се надевам дека и овде ќе реализирам многу. Не сум поставил конкретна бројка за постигнати голови, но се надевам дека ќе ги има многу. Ќе дадам се од мене. Чест е да се биде во Барса“.

Договорот на Африканецот со Каталонците е до летото 2025 година, но може да биде раскинат во летото 2023-та на барање на двете страни. Неговата ослободителна клаузула изнесува 100 милиони евра.

Обамејанг е поранешен соиграч со Усман Дембеле во Борусија (Дортмунд), а актуелните проблеми на Французинот на „Камп Ноу“ ги прокоментира вака: „Како фудбалер тој е фантастичен. Тој исто така ми е добар пријател. Усман тренира многу добро. Се надевам дека ќе најдат решение со клубот“.

Слични содржини