Преку проект поддржан од Светска Банка, Министерството за труд и социјална политика, обезбеди над 55.500 хигиенски пакети во вредност од 40 милиони денари, кои веќе се распределуваат низ државава. Пакетите содржат прашок за перење, средства за лична хигиена, средства за дезинфекција и заштитни маски, а се очекува да бидат доставени до крајот на август 2021 година, информира Министерството за труд и социјална политика.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска заедно со волонтери од Црвениот крст денеска беше во посета на неколку семејства во Скопје, кои се дел од ранливите категории на граѓани и на кои им беа поделени хигиенски пакети.
-За нас сите граѓани се важни. И никој не смее да биде изоставен. Социјалната реформа донесе значајни промени во помошта и поддршката која навистина им е неопходна на семејствата во ризик. Во време на пандемија со Ковид-19, со олеснување на условите за влез во системот на социјална заштита, беше обезбедена поддршка за дополнителен број од околу 6.000 семејства од ранливите категории, изјави Шахпаска.
Министерката истакна дека главна цел на Министерството е овие лица што е можно побрзо да излезат од системот на социјална заштита како би можеле да се вклучат на пазарот на трудот.
-За таа цел заедно со Центарот за социјални работи и Агенцијата за вработување, преку индивидуални планови да обезбедиме полесен влез на пазарот на труд на овие лица, додава таа.Заедно со пакетите, во рамките на програмата „Читаме дома“ финансирана од страна на Канцеларијата на Светска Банка во Северна Македонија, од Министерството информираат дека се дистрибуираат и книги за повеќе од 40.000 деца од најранливите семејства, на возраст од три до 11 години, на јазикот што го говорат дома.
Иницијативата „Читаме дома“ има за цел да го поттикне читањето кај децата од најрана возраст и да ја подигне свеста кај родителите за потребата од развивање читачки навики кај своите деца.