Агенти на американската тајна служба кои ја штитат внуката на американскиот претседател Џозеф Бајден отвориле оган откако три лица се обиделе да упаднат во возило без ознака на Тајната служба во Вашингтон, соопшти денеска Тајната служба.
Агентите задолжени да ја заштитат Наоми Бајден, внуката на американскиот претседател, биле со неа во населбата Џорџтаун во неделата доцна навечер кога виделе три лица како го скршат прозорецот на паркиран теренец кој во тоа време бил празен, изјавил за АП член на Тајната служба.
Еден од агентите отворил оган, но во престрелката никој не бил погоден.
Тројцата напаѓачи се видени како бегаат со црвен автомобил, а Тајната служба соопшти дека е во тек потрага по нив.
Повеќе од 750 кражби на автомобили и повеќе од 6.000 пријави за украдени возила во пошироката метрополитенска област се пријавени во полицијата во Вашингтон оваа година.