На отворениот ден на воениот аеродром на словенечката армија, кој се одржа на 4 јуни во Черкљу об Крка, место недалеку од хрватската граница, во еден од хангарите бил забележан млад човек кој ја фотографирал опремата и просториите, неофицијално дознава РТВ СЛО.
Станува збор за руски државјанин, студент во Ново Место, кој прецизно фотографирал уреди кои воопшто не биле изложени за време на отворениот ден. Имено, целата опрема наменета за гледање била прикажана надвор од хангарот. Воената полиција го приведе студентот и случајот е пријавен во Инспекторат, а по распитот е пуштен на слобода.
За инцидентот била информирана Словенечката агенција за разузнавање и безбедност (Сова), која го одбила барањето на јавната телевизија за повеќе информации. Од министерството за одбрана, пак, потврдија дека е забележана невообичаена активност кај еден од посетителите, која, велат, била проверена од надлежните органи.
Полицијата во кус писмен одговор соопшти дека е известена за случајот по барање на надлежните служби на словенечкото министерство за одбрана, со кои се во контакт.
Истиот ден се одржа и меѓународната воена вежба „Јадрански удар 2023“ во која учествуваа 800 војници од земјите членки на НАТО.