Објавен датумот за пресудата за прегазувањето на Фросина Кулакова

од Nikola Popovski
61 прегледи

Пресудата за случајот со прегазувањето на Фросина Кулакова ќе биде објавена на 13-ти месецов, откако на судењето што почна денеска во Основниот кривичен суд Скопје, обвинетиот Васил Јованов призна вина за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за сообраќајката што се случи во јануари годинава на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. Произнесувајќи се за вина пред судот, Васил на семејството на Фросина им изрази сочувство и извинување. Потоа во својата изјава пред судијата порача: „Да, судија, виновен сум“.

Обвинителот Александар Марковски, како докази за одмерување на видот и висината на казната, пред судот го наведе тоа што за Јованов има правосилна пресуда со казна затвор од три години и десет месеци и пет прекршочни постапки кои не се процесуирани за разни сообраќајни прекршоци.

Адвокатот на обвинетиот Јованов, Сашко Дуковски изјави дека излегле на површина сите невистини за, како што рече, обвинувањата дека неговиот клиент бил криминалец, наркоман, убиец, ѓавол, дека возел со 170 км на час, дека избегал, па не дошол 3 часа на лице место…Според Дуковски, како што вели, родителите на загинатата Фросина, во текот на рочиштето при читањето на исказите, читале од нивните мобилни телефони, што значи дека некој им ги подготвува тие говори и така посочува дека тие настапуваат од првиот ден.

-Сакам да имате во предвид еден многу битен факт: се работи за 20-годишно дете кое категорично ја призна својата вина. Ова не е првата ниту последна сообраќајка во Македонија. Тоа покажува дека таква млада личност е особа со интегритет и дека неговото семејство е со интегритет и имаше доблест и да признае и да се сноси со сите последици. Да оставиме институциите да си ги донесат пресудите врз основа на законот, а не начелото „око за око, заб за заб“. Смрта последица е страшна работа, но треба да се цени секој потег во врска со изрекувањето на казната, рече Дуковски.

Таткото на трагичното загинатата Фросина, Тодор Кулаков денеска пред Основниот суд Скопје порача дека како семејство се целосно исфрлени од судскиот случај. Според него, многу од законите во земјава се крајно нехумани, неодговорни и неправедни за тоа што, како што кажа, дури и ако ти убијат дете, родителите во она што значи главен случај, тие не се дел од предметот и немаат право да учествуваат. Зависат само од добрата болја на институциите.

Тој јавно се заблагодари на судијката што го води процесот против Јованов, но рече дека според закон, родителите се само неми набљудувачи. Праша дали има нешто понечовечно и подушманско од ваквата легислатива на секој родител што изгубил дете или свој близок. Тој додаде во целост го поддржува премиерот Христијан Мицкоски кој пред одредено време најави дека се можни протести доколку 5-те членови на Судскиот Совет не си поднесат оставки по постапката за интерпелацијата во Собранието.

Адвокатот на семејството Кулакови, во завршниот збор побара највисока казна за обвинетиот, земајќи ги како отежнителни околности тоа што управувал возило без возачка дозвола, под дејство на алкохол и без почитување на сообраќајните правила.

Според обвинението, на 29 јануари 2025 година, Васил Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место. За делото за кое се товари Јованов е предвидена затворска казна до 20 години.

Слични содржини