Објавен францускиот предлог: Прво меѓувладина конференција па внесување на Бугарите во Уставот, јазикот е „македонски“

од Nikola Popovski
229 прегледи

Во целосниот текст од преговарачката рамката на Македонија со ЕУ, што француското претседателство го подготви, стои дека Советот на ЕУ ја поздравува континуираната определба на Северна Македонија да продолжи напред со реформската агенда на ЕУ и да постигне опипливи и одржливи резултати, што го отвори патот за одлуката за отворање на пристапните преговори во март 2020 година.

Понатаму пишува дека на патот на Северна Македонија кон членство во Европската Унија, Советот потсетува на важноста од постигнување опипливи резултати и добронамерното спроведување на билатералните договори, вклучително и Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.

Во таа насока, Советот бара протоколи за спроведување на Договорот со Бугарија, со назнака дека нивното полно име ќе биде дополнително одредено, што наведува на заклучок дека до 23 јуни Софија и Скопје ќе треба да потпишат таков документ (протокол за спроведување на Договорот). Според францускиот предлог, овој важен чекор ќе придонесе за добрососедски односи и регионална соработка, кои остануваат суштински елементи на процесот на проширување, како и на процесот на стабилизација и асоцијација.

Се предвидува на 23 јуни годинава Советот за општи работи на ЕУ да ја усвои Преговарачката рамка за Северна Македонија и за истиот ден да закаже политичка меѓувладина конференција.

Во таа насока, Советот ја поздравува намерата на Северна Македонија приоритетно да ги иницира и спроведе релевантните уставни измени со цел во преамбулата на Уставот да се вклучат граѓани кои живеат во државата, а се декларираат како Бугари.  Според тоа, предвидено е на 23-ти јуни да се донесе и одлука дека следна меѓувладина конференција ќе се одржи веднаш штом Северна Македонија ја заврши процедурата за внесувањето на Бугарите во Уставот.

Во однос на статусот на македонскиот јазик, во преговарачката рамка се наведува дека при преводот на европското аки на македонски, ЕУ ги зема предвид соодветните намери на Бугарија и Северна Македонија да донесат унилатерални декларации со кои ќе ги нагласат своите ставови за ова прашање.

Во предлог-преговарачката рамка именувањето на јазикот на кој ќе се преведува заедничкото европско право е со чиста одредница „македонски“, без дообјаснувања или фусноти.

Исто така, во дел од новиот текст на преговарачката рамка, покрај вообичаените обврски владеење на правото, судските реформи, борбата против криминалот и корупцијата, се вклчучува и антидискриминацијата и борбата против говорот на омраза.

Слични содржини