Министерството за одбрана распишува оглас за вработување 300 професионални војници со 4-годишен договор и можност за продолжување. Кандидатите ќе подлежат на тестови за физичка подготвеност, а потребно е да не се постари од 25 години. Јавен оглас се распишува и за прием на 10 подофицери од воздухопловно техничката служба.
Според министерот Владо Мисајловски, потребни се нови млади луѓе во Армијата и нејзина модернизација.
-Секој еден кој ја сака државата и сака да биде дел од овој оглас, независно од кој етникум, нека ги погледне сите услови. Македонската армија е најдобрата и најквалитетната армија и е составена од најквалитетни луѓе кои се спремни секогаш да го дадат животот за нашата татковина. Со овој оглас за прием сакаме да ги освежиме нашите редови и да им дадеме шанса на многу млади луѓе да бидат дел од нашето НАТО семејство, рече Мисајловски по посетата на припадниците на 1. пешадиски баталјон на Армијата во касарната „Чеде Филиповски -Даме“.
Уште пред неколку дена, премиерот Христијан Мицкоски најави вработување на 300 професионални војници и ги повика сите млади луѓе кои сакаат да се пријават.
-Апсолутно да. Планирано е објавување на оглас за прием на 300 професионални војници и ја користам еве оваа прилика, благодарам на прашањето, да ги повикам сите оние млади луѓе коишто сакаат да се вклучат во одбранбено-безбедносниот систем на државата, да се вклучат и се добредојдени. Ги повикувам сите граѓани, сите граѓани без разлика на етничката припадност, сите коишто сакаат да бидат вклучени во безбедносниот систем. И тука нема проценти, секој оној којшто ќе ги исполни условите, ќе биде примен. Сите буквално, сите оние коишто сакаат да учествуваат во одбраната на нивната татковина, кажа претседателот на Владата.