Објавен нацрт-извештајот за ревидираната методологија на пристапните преговори

од Vladimir Zorba
322 прегледи

МИА дојде до нацрт-извештајот кој Европската Комисија треба да го усвои и објави утре напладне и со кој на земјите членки и на Европскиот Парламент им се нуди ревидирана методологија на преговарачкиот процес за проширување.

Европската Комисија инсистира на тоа дека не станува збор за промена на процесот, туку за негова ревизија со цел тој да стане подинамичен и поефикасен. Последната ревизија на овој процес датира од 2003-та.

Како што е веќе познато, документот кој треба да се објави утре содржи четири столбови: кредибилитет, политичко управување, динамичност и предвидливост односно условеност.

Кредибилност:

Делот за кредибилноста освен врз реформските заложби на земјите кандидати ја нагласува и заложбата на земјите членки на ЕУ кои треба да го исполнат ветеното кон земјите од регионот кога тие ги исполниле условите.

-Кога земјите партнери ги исполнуваат објективните критериуми и етаблираните објективни услови, земјите членки ќе се договорат да преминат на следното ниво од процесот. Сите страни треба да се воздржат од злоупотреба на истакнати прашања во пристапниот процес. Во иста смисла, земјите членки и институциите треба да зборуваат со еден глас во регионот, да испраќаат јасни сигнали на поддршка и охрабрување и искрено да зборуваат за недостатоците кога ги има, стои во документот на Европската Комисија.

Кредибилитетот, кој беше значително поткопан по октомврискиот самит на ЕУ кога Франција го блокираше отворањето преговори за Северна Македонија, мора да биде „зајакнат“, вели Европската Комисија, „преку посилен фокус врз фундаменталните реформи“. Под фундаментални реформи за регионот се подразбира пред сѐ владеењето на правото и правдата. Во овој дел, Европската Комисија останува на истата линија дека овие теми мора први да бидат отворени за време на преговорите и последни затворени. Напредокот во овие области „ќе го одреди целокупниот ритам на преговорите“. Освен владеењето на правото, фундаменталните реформи се и функционирањето на демократските институции и јавната администрација, и конечно економските реформи.

Политичко управување:

Ова беше едно од главните барања на Франција која смета дека преговарачкиот процес е премногу технички и бирократски и која бара земјите членки да играат поголема улога во него.

– Време е да се стави политичката природа на процесот на чело и во центарот и да се обезбеди посилно управување и ангажман на високо ниво од страна на земјите членки. Ова треба да вклучува создавање нови прилики за политички дијалог на високо ниво со земјите преку редовни самити ЕУ-Западен Балкан и интензивирање на контактите, посебно во областите каде усогласувањето добро напредува и клучните критериуми се исполнуваат. Овој зголемен ангажман може да доведе до учество на земјите како набљудувачи во клучни средби на Европската Унија, за теми кои што се од суштинска важност за нив.

Ваков предлог неодамна дојде и од хрватското претседателство кое предложи владите од западниот Балкан да учествуваат на министерските состаноци на ЕУ за животна средина.

Динамичност:

Преку овој столб се предлага промена на структурата на преговарачкиот процес преку таканаречените „кластери“, односно тематски блокови кои ги обединуваат сите 33 до 35 преговарачки поглавја. Кластерите би се поделиле на теми како добро владеење, конкурентност, внатрешен пазар, вели ЕК.

– Кластерите ќе овозможат посилен фокус врз клучните сектори во политичкиот дијалог и ќе обезбедат подобра рамка за политички дијалог на повисоко ниво, смета ЕК. Ќе овозможи да се идентификуваат важните и итните реформи по област, стои во документот.

Кластерите би се отвориле во целост, а не по поглавје, секако по исполнување на условите за отворање (познати како бенчмаркс), се вели во предлогот на ЕК.

Скрининзите би се воделе по кластери, а не по поглавја како што е сега. По скринингот, ЕУ и земјата кандидат одредуваат кои се клучните реформи и приоритети. Откако тие услови се исполнети, се отвора целиот кластер со сите поглавја кои му припаѓаат “без дополнителни услови“ и се одредуваат условите за затворање на секое поглавје поединечно, а не на целиот кластер.

– Онаму каде што важни реформи се имплементирани пред отворањето, временскиот рок помеѓу отворањето на кластерот и затворањето на поглавјата треба да биде ограничено, по можност во рок од една година, во зависност од напредокот во реформите, предлага ЕК.

Србија и Црна Гора, доколку сакаат можат да побараат да го применат овој нов механизам, но според овој документ, стариот процес на преговарање останува да важи за овие две земји.

Нацртот на ЕК не одговара на дилемата дали еден кластер треба да биде затворен пред да биде отворен нов.

Шест кластери:

1. Фундаментални теми (судство и темелни права, правда, слобода и безбедност, економски критериуми, демократски институции, јавна администрација, јавни набавки, статистики, финансиска контрола)

2. Внатрешен пазар

3. Конкурентност и инклузивен раст

4. Зелена агенда и одржлива поврзаност

5. Ресурси, земјоделство и кохезија

6. Надворешна политика

Предвидливост:

Четвртиот столб на ревидираната методологија се однесува на појаснување на тоа што ЕУ го очекува од земјите кандидати и кои се последиците на напредокот или на отсуството на напредок – позитивна и негативна условеност.

– Посилно политичко управување и рефокусирани меѓувладини конференции ќе ја зголемат предвидливоста за планирањето во претстојната година. Политичките чинители во земјите ќе имаат појасна индикација што треба да направат за да напредуваат. Ова ќе подразбира посочување на тоа кои кластери/поглавја можат да бидат отворени и, кога е случај, кои услови треба да се исполнат за тоа да се случи. Клучниот елемент на пристапен процес заснован врз заслуги е условеноста. Меѓутоа, за да се постигне тоа, условите треба да бидат јасни од почеток. Важно е земјите кандидати да знаат кои се условите според кои ќе се мери нивниот успех, а земјите членки да имаат јасен став за тоа што се очекува од кандидатите, објаснува ЕК.

Европската Комисија „подобро ќе ги дефинира условите за кандидатите да напредуваат“, вели документот. Овие услови мора да бидат “објективни, прецизни, детаљни, стриктни и проверливи“.

Кога земјата успешно напредува, процесот треба да доведе до поблиска интеграција со ЕУ, односно поголем пристап до ЕУ пазарот, политиките на ЕУ, поголеми фондови и поголеми инвестиции, смета Комисијата.

Од друга страна, во случај на назадување, ќе има “поодлучни мерки“ за санкционирање на “сериозен и траен застој или назадување“. Земјите членки ќе можат да ја предупредат ЕК кога сметаат дека некоја земја назадува во реформите.

-Во сериозни случај, ЕК може да поднесе предлози во секое време сама или по мотивирано барање на земја членка за да обезбеди брз одговор за ситуацијата преку симплифицирани процедури, вклучително и обратно квалификувано мнозинство во Советот.

Па така, земјите членки ќе можат да замрзнат или целосно да суспендираат преговори со некоја земја кандидат. Во тие случаи ќе се замрзнуваат и фондовите освен за граѓанското општество,а пристапот до програмите на ЕУ се ограничува.

Слични содржини