Објавен списокот на најплатени спортисти, МекГрегор пред Меси и Роналдо

од Vladimir Zorba

Sвездата на мешаните боречки вештини, Конор МекГрегор од Ирска, е најплатениот спортист за 2020 година со заработка од 180 милиони долари, објави американскиот магазин „Форбс“.

Интересно, 32-годишниот Ирец се бореше само еднаш минатата година. Во јануари, по само 40 секунди, го нокаутираше Доналд Сероне во главната борба на настанот УФЦ 246 во Лас Вегас. За таа борба заработи 22 милиони долари.

Сепак, најголемиот дел од неговата заработка беше од продажбата на мнозинскиот пакет акции во марката виски „Proper No. Twelve“ на Proximo Spirits за 150 милиони долари.

Мек Грегор беше еден од само четворицата спортисти кои заработија повеќе од 100 милиони долари во 2020 година, а преостанатите тројца се фудбалерите Лионел Меси и Кристијано Роналдо и ѕвездата на американскиот фудбал Дак Прескот.

Второто место на списокот на најплатени спортисти во посебната, пандемска година, е за sвездата на Барселона, Лионел Меси со заработка од 130 милиони долари, а по него е sвездата на Јувентус, Португалецот Кристијано Роналдо со 120 милиони долари.

Бекот на Далас Каубојс, Дак Прескот е на четвртото место со 107,5 милиони долари.

Кошаркарската sвезда Леброн Џејмс го држи петтото место со 96,5 милиони долари, додека напаѓачот на ПСЖ, Бразилецот Нејмар е шести на табелата со 95 милиони долари.

Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер е исто така во Топ 10, и покрај тоа што одигра само еден турнир во 2020 година. Сопственикот на 20 Гренд слем титули минатата година заработи 90 милиони долари.

Следат sвездата на Формула 1, Луис Хамилтон (82 милиони долари), бекот на Тампа Беј Баканирс, Том Брејди (76 милиони долари) и sвездата на Бруклин Нетс, Кевин Дурент – 75 милиони долари.

Десетте најплатени спортисти во светот имаат бруто заработка пред оданочување од 1,05 милијарди долари, 28% повеќе од претходната година, пренесе Хина.

Слични содржини