Објавен Законот за данок за солидарност

од Vladimir Zorba
398 прегледи

Даночните обврзници кои во 2022 година остварија вкупен приход поголем од 615.000.000 денари вчера и официјално, преку Службен весник беа известени за обврските кои произлегуваат од Законот за солидарност.

Заради неговата задоцнета објава , наместо  предвидениот рок  за поднесување на образецот на даночен биланс за оданочување, УЈП информира дека рокот се продолжува до 04.10.2023 што значи дека даночните оврзници имаат само 6 работни дена да ја завршат ваквата обврска.

„Обврзник на данокот за солидарност е обврзникот на данокот на добивка согласно Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари.  Основата за данокот за солидарност се пресметува на начин што од износот на даночната основа по намалување утврдена во даночниот биланс за оданочување на добивката за 2022 година (АОП 49), се одзема просечниот износ на даночна основа по намалување утврдена во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди 2018, 2019 и 2021 година зголемен за 20%“, потсетуваат во УЈП.

Дополнително е појаснето дека  доколку е поповолно за даночниот обврзник, даночната основа за данокот за солидарност може да се пресметува на начин што од просечниот износ на даночната основа по намалување утврдена во даночниот биланс за оданочување на добивката за 2021 и за 2022 година, се одзема просечниот износ на даночна основа по намалување утврден во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди 2017, 2018 и 2019 година зголемен за 20%,објаснува УЈП.

УЈП информира е дека во случај на статусна промена, при утврдување на даночната основа за пресметување на данокот за солидарност, просечниот износ на даночна основа по намалување утврден во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди (2017, 2018 и 2019 година односно 2018, 2019 и 2021 година) се зголемува за 30%.

Данокот за солидарност предизвика големи реакции, но и различни ставови во јавноста. За дел од експертите тој може да биде  добар за стопанството ако парите кои ќе се соберат се искористат на вистинскиот начин. Според нивната оценка законот е лош само за оние малку фирми кои минатата година остварија огромни профити, во време кога десетици илјади луѓе западнаа во сиромаштија.

„Најголем дел од тие фирми ја злоупотребија глобалната криза и намерно ги кренаа своите цени повеќе отколку што беше оправдано, само да си ги зголемат профитите. Така што, законов практично исправа една голема неправда и им наложува на таквите фирми делумно да го подмират својот долг кон заедницата“, беше ставот на економистот Бранислав Јовановиќ на оваа тема кој го даде за  „Локално“.

Од друга страна, стопанствениците отворено го искажаа револтот поради обврската која произлегува од овој закон. Го оценуваат како непринципиелен и противуставен бидејќи е како што велат ретроактивен.

Според Уставот, правата стекнати врз основа на вложен капитал не може да се намалуваат со закон или друг пропис, односно не може да се загрозува остварувањето на правото на добивка. Претставува и двојно оданочување затоа што Данокот на добивка е веќе регулиран со Законот за данок на добивка и нема ниту уставен ниту законски основ добивката повторно, дополнително и ретроактивно да се оданочува со нова стапка од 30%“, изјавија дел од стопанствениците за „Локално“.

Стопанската комора најави дека Законот ќе биде оспорен пред Уставен суд во очекување тој да биде повлечен.

Слични содржини