Објавена нова листа на најмоќните пасоши во светот: Еве на кое место е македонскиот

од Nikola Popovski
94 прегледи

Македонскиот пасош е рангиран на 41-то место меѓу најмоќните пасоши во светот според новата листа на „Henley Passport Index“, со што е за три места подобро рангиран од лани.

Светската ранг-листа се составува според Индексот за пасоши на Хенли, кој се ажурира на секои четири месеци, а се базира на бројот на дестинации што носителите на пасоши можат да ги посетат без виза. Листата ја составува консултантската фирма „Henlеy and Partners“ врз основа на податоците на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт.

Според рангирањето, граѓаните со македонски пасоши минатата година можеле да патуваат во 125 земји без визи, а годинава во 128.

Најсилниот пасош во регионот од земјите кои се уште не се членки на ЕУ е српскиот, кој се наоѓа на 34-то место. Црногорскиот, како и македонскиот, го дели 41-то место.

Пасошите на Албанија и на Босна и Херцеговина го делат 45-то место со по 123 дестинации до кои носителите на овие пасоши можат да патуваат без визи, што е подобрување за шест места за албанскиот пасош и четири места за босанскиот.

Австрискиот пасош го зазеде третото место, унгарскиот седмото, словачкиот и словенечкиот се на 10-то место, хрватскиот на 11-тото место, додека бугарскиот и романскиот се на 14-то место.

Најсилниот пасош во светот годинава е сингапурскиот, а на второ место со 192 дестинации без визи се пасошите на Германија, Италија, Шпанија, Франција и Јапонија.

Израелскиот пасош е на 18 место, што е за седум места подобро од лани, додека палестинскиот е на 97 место.

Пасошот на Украина е на 30-то место, пасошот на Руската Федерација е на 45-то место, САД се на осмо, а Кина е на 59-то место.

Најлошо рангираниот пасош му припаѓа на Авганистан и е на 103. место со 26 дестинации до кои можат да патуваат носителите на овие пасоши.

Слични содржини