Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) ја објави програмата на јубилејната 55. Летна школа, којашто ќе започне неделава во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид и ќе трае до 2 септември, со учество на шеесет странски македонисти и слависти од седумнаесет држави. Оваа јубилејна Школа на МСМЈЛК при УКИМ ќе се одржи со најголем број семинаристи последниве години, а нејзината програма се очекува да им овозможи и нови видици и да ги поттикне на нови истражувачки потфати за македонистиката, опфаќајќи и сегменти од македонската култура коишто претходно не биле дел од програмските содржини на школите на МСМЈЛК при УКИМ.
Инаку, според програмата, по пристигнувањето на странските македонисти и слависти во Охрид на 17 август и по отпочнувањето со лекторската настава, на 19 август, со почеток во 12 часот, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид ќе се одржи свеченото отворање на јубилејното издание на овој стожерен настан за македонистиката и нејзината афирмација во светот. На отворањето, свечени обраќања ќе имаат претседателот на државата, Стево Пендаровски и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, а пригодно обраќање ќе има директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Во рамките на отворањето на Школата е најавена и промоција на новите изданија на учебниците за странци – „Тешкото” (македонски јазик, почетно рамниште) од проф. д-р Симон Саздов, „Лозје” (македонски јазик, средно рамниште) од доц. д-р Гордана Алексова и „Везилка” (македонска литература и култура) од проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Промоторка на изданијата коишто ќе се користат на јубилејната 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, а потоа и на странските универзитети ќе биде проф. д-р Анета Дучевска, деканка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Традицинално, на отворањето ќе биде промовиран и зборникот од предавања од претходната летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, а промотор ќе биде проф. д-р Борче Арсов, долгогодишен лектор на школите на Семинарот.
Следниот ден, првото предавање на Школата ќе го одржат проф. д-р Елка Јачева-Улчар, Ласко Џуровски и Лазе Трипков, на тема „Глаголицата и кирилицата низ призмата на богатото македонско културно-историско наследство и нивната примена”.Во рамките на посетата на манастирскиот комплекс „Св. Наум”, предавање за „Св. Наум и пророкот Наум” ќе одржи проф. д-р Ѓоко Ѓорѓески.
Јубилејот 70 години од раѓањето на Горан Стефановски ќе биде одбележан со предавање на проф. д-р Наташа Аврамовска за локалното и универзалното во драмскиот свет на Стефановски, а ден потоа, проф. д-р Искра Пановска-Димкова ќе одржи предавање на тема „Фонетско-фонолошките предизвици при усвојувањето на македонскиот јазик како странски”. Осврнувајќи се на разговори со клучни автори за македонската книжевност, предавање ќе одржи и проф. д-р Кристина Николовска, за „Разговорница” – ТВ-љубопитница и книга прашувалница. Проф. д-р Катерина Велјановска ќе одржи предавање за имињата и фразелогијата, а ден потоа предавање ќе одржи и проф. д-р Марија Паунова, на тема „Македонски лингвокултуролошки материјал (дијахронија и синхронија)”.
Во рамките на Школата ќе биде одбележан и големиот јубилеј 150 години од раѓањето на Гоце Делчев, со предавање на проф. д-р Славчо Ковиловски за Делчев како културна икона.
За првпат во рамките на школите на Семинарот, одделно внимание ќе биде посветена на македонската мода и македонскиот моден дизајн како составен дел од македонската култура, со предавање на проф. д-р Лидија Георгиева на тема „Зборувате ли македонска мода?”. На Школата ќе биде одржано предавање и за интермедијалните проникнувања на современата македонска книжевност со сликарството и музиката, од страна на проф. д-р Владимир Мартиновски, а македонската традиционална култура, културно наследство и идентитет ќе бидат тема на последното предавање на Школата, коешто ќе го одржи проф. д-р Велика Стојкова Серафимовска.
Преку програмата на ова исклучително значајно, јубилејно издание на Летната школа на МСМЈЛК при УКИМ, професори од некои од факултетите при УКИМ, со предавања од областа на македонската култура за првпат ќе се вклучат во програмските активности на Семинарот. Ова дополнително укажува дека мисијата на МСМЈЛК при УКИМ за афирмација на македонистиката и во тие рамки за промоција и на македонската култура постојано добива нови, поголеми димензии, при што Семинарот се издвојува како централното јадро на најстариот универзитет во земјата во промоцијата на македонскиот јазик, литература и култура во светот.
Покрај предавањата, клучно, од нивното доаѓање во Охрид па сè до 2 септември, семинаристите на Школата ќе следат и лекторска настава и веќе се организирани лекторски групи за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик – почетно, средно и напредно, и тоа напредно со две поднивоа, за јазик, и за литература. Наставата за групите ќе ја изведуваат лектори коишто ќе го вложат сопствениот максимум во пренесувањето знаења на странските слависти и македонисти – проф. д-р Борче Арсов, доц. д-р Гордана Алексова, доц. д-р Бобан Карапејовски, доц. д-р Бојан Петревски, м-р Иван Антоновски и м-р Марија Пандева.
Со програмата се предвидени и неколку промоции на изданија меѓу кои се издвојуваат:
– „Охридски раскажувачи” и „Книга за светите браќа Кирил и Методиј”, приредени од Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски. На промоцијата на овие книги ќе се обратат градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков и претседателот на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), Христо Петрески, по повод 75 години од формирањето на ДПМ, а промотори ќе бидат асс. м-р Иван Антоновски и доц. д-р Бобан Карапејовски.
– „Македонская литература XX-начала XXI века. Очерки истории” од истакнатата македонистика од МГУ „Ломоносов” во Моска, академик Ала Шешкен. Промотор на ова издание за рецепцијата на македонската книжевност со историографаска диоптрија ќе биде проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Семинаристите на 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ ќе бидат специјални гости и на 34. издание на традиционалната манифестација „Поетска ноќ во Велестово” (ПНВ). Соработката меѓу МСМЈЛК при УКИМ и ПНВ датира од пред неколку години и семинаристите редовно се дел од оваа значајна културна манифестација.
На Школата ќе биде организирана и преведувачка работилница, којашто ќе ја води проф. д-р Лидија Танушевска. За семинаристите коишто потемелито се интересираат за македонскиот фолклор, на Школата ќе се одржи и курс по македонски ора, којшто ќе го води Сашко Јованоски.
Според програмата, Школата ќе биде затворена со завршна средба на 2 септември, а за потоа се најавува и 49. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ, којашто ќе е одржи на 4 и 5 септември 2022 во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид.
Инаку, на јубилејната, 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ ќе учествуваат семинаристи од универзитетските центри од Австрија, Германија, Грција, Италија, Полска, Република Кореја, Романија, Руската Федерација, Соединетите Американски Држави, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Унгарија, Франција, Хрватска и Чешката Република. Меѓу семинаристите се и универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, но и млади кадри.