Објавена снимка од упадот на француските специјалци на руски танкер во Средоземното Море

Француската воена морнарица, постапувајќи врз основа на разузнавачки информации добиени од Обединетото Кралство, вчера во Средоземното Море пресретна танкер што превезувал руска нафта.

од desk4
15 прегледи

Акцијата била насочена против санкционираната руска таканаречена „флота во сенка“, а француската морнарица денеска објави и видео-снимка од интервенцијата.

Од француските поморски власти за Средоземјето соопштија дека постои сомневање оти бродот, со име „Гринч“, пловел под лажно знаме. Специјалните единици на француската морнарица се искачиле на танкерот, по што бродот бил спроведен до пристаниште за дополнителни проверки.

 

Приходите од нафта клучни за руската економија

Приходите од извоз на нафта претставуваат значаен дел од руската економија и ѝ овозможуваат на Москва да финансира воени активности, вклучително и војната против Украина, без поголеми економски потреси во земјата.

Акција против „флотата во сенка“

Франција, заедно со други западни земји, најави засилени активности за сузбивање на „флотата во сенка“ мрежа на нафтени танкери што ги заобиколуваат меѓународните санкции. Според проценките на експертите, оваа флота брои повеќе од 400 бродови. Земјите вклучени во операциите настојуваат и да постигнат договори со државите под чии знамиња пловат овие бродови, со цел да се олесни нивното запирање и контрола.

Францускиот претседател Емануел Макрон порача дека Франција е решена да го поддржи меѓународното право и да обезбеди ефикасна примена на санкциите. „Активностите на „флотата во сенка“ придонесуваат за финансирање на агресорската војна против Украина“, напиша Макрон, објавувајќи фотографија од француски хеликоптер над танкерот.

Детали од операцијата

Според информации од француски воени извори, операцијата била спроведена во соработка со Обединетото Кралство, кое ги обезбедило и споделило разузнавачките податоци што овозможиле пресретнување на бродот. Изворите наведуваат дека танкерот пловел под лажно знаме на Коморските Острови, а екипажот бил составен од индиски државјани.

Бродот бил пресретнат во западниот дел на Средоземното Море, во близина на јужниот шпански крајбрежен град Алмерија.