Електродистрибуција ДООЕЛ денеска соопшти дека по претходни контроли во станбено-деловен објект на ул. „Браќа Миладинови“ во Тетово, Тимот за откривање на неовластено користење на електрична енергија утврдил тешка кражба на електрична енергија. Според информациите, објектот работи како ресторан, спа центар, фитнес центар и салон за убавина.
Оттаму соопштија дека констатирано е противправно користење на електрична енергија преку специјално изработена подземна шахта и директно неовластено приклучување на нисконапонски кабелски вод.
-Составен е Записник за неовластено користење и поднесена е Пријава за неовластено преземање на електрична енергија до МВР според член 235-а од КЗ. Изготвена е Фактура за надомест на штета во износ од 3.459.428,00 денари, стои во соопштението од Електродистрибуција.