Облеката на принцезата Дијана во Хонг Конг: Син фустан може да достигне цена од 400.000 долари

од Vladimir Zorba
257 прегледи

Бледо жолта јакна до рамениците украсена со блескави позлатени копчиња што принцезата Дијана ја носеше на патувањето во Хонг Конг во 1989 година ќе биде една од шесте нејзини облеки изложени во поранешната британска колонија пред аукцијата закажана за јуни.

Колекцијата на фустани, чевли и чанти на принцезата од Велс се изложени во трговски центар во Хонг Конг од четвртокот, во следните 12 дена, пред колекцијата да се пресели во Ирска, до аукцијата на 27 јуни.

Принцезата Дијана, која загина во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година, ја диктираше модата „секогаш кога се облекуваше и излегуваше“, рече Мартин Нолан, директор на аукциската куќа Julien’s со седиште во Калифорнија.

Познатата јакна во нарцис боја на дизајнерката Кетрин Вокер би можела да достигне цена од 50.000 долари, додека вечерниот фустан со сини ѕвездички би можел да достигне цена од 400.000 долари.

Принцезата го носеше овој фустан од дизајнерот Мареј Арбеид на премиерата на „Фантом од операта“ во 1986 година во Вест Енд, Лондон.

Изложена е и вечерна тоалета од свила и тантела од дизајнерот Виктор Еделштајн, како и цветен фустан на Кетрин Вокер што Дијана го носеше во 1991 година на бдеењето на нејзиниот близок пријател Адријан Вард Џексон.

Многу луѓе дојдоа во малиот изложбен простор. Еден од посетителите, 69-годишниот Фунг, се присетил како толпи луѓе излегле на улиците на Хонг Конг кога Дијана пристигнала во тој град во 1989 година.

„Таа беше харизматична, грижлива и посветена на добротворната работа. Затоа, таа е многу почитувана во Хонг Конг“, изјави Фунг.

Во 2023 година, аукциската куќа Julien’s продаде вечерен фустан на принцезата Дијана за рекордни 1,14 милиони долари.

Слични содржини