Обновен графитот „Бугари во Устав е предавство“ на кејот на Вардар

од Nikola Popovski
242 прегледи

Продолжува „битката“ со графитот кој се однесува на вклучувањето на Бугарите во македонскиот Устав на кејот на реката Вардар во центарот на Скопје.

Подмладокот на партијата Левица – Црвена младина на почетокот на изборната кампања за парламентарните избори во мај го исцрта графитот „Бугари во Устав е предавство“ на кејот на Вардар до Камениот мост. На 3-ти ноември месецов, од страна на непознат сторител, графитот беше изменет, при што зборовите „е предавство“ беа избришани, а беше исцртано и бугарското знаме.

Синоќа беше објавено дека младинската организација на Левица го вратила стариот натпис на графитот. Својата акција ја најавија преку видео на нивната Фејсбук-страница, тврдејќи дека ако треба ќе дојдат уште стотици пати за да ја откријат вистината дека внесувањето на Бугарите во уставот е предавство.

Фотографија од обновениот графит објави и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој на својот Фејсбук профил напиша дека исцртаното е обновено по повод 80-годишнината од ослободувањето на градот Скопје од фашистите.

Со прифаќањето на „францускиот предлог“, за кого имаше низа протести пред македонското Собрание и усвојувањето на Преговарачката рамка во која се доби чисто именување на македонскиот јазик, без дополнителни фусноти, Македонија ги отвори пристапните преговори со ЕУ во летото 2022 година, откако делумно беше надмината блокадата со Бугарија. Сепак, без уставните измени, не може да ги продолжи преговорите.

Македонскиот Устав како највисок правен акт на државата е донесен на 17 ноември 1991 година и досега има претрпено 8 измени со 36 амандмани.

Слични содржини