САД работат на тоа новата македонска Влада да го почитува Договорот од Преспа, порачал помошник – државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања Џејмс О`Брајан, на сослушување за иднината на Европа во Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат.
Американскиот дипломат потврдил дека контактите на американските законодавци се корисни за да се задржи Македонија да биде посветена на Договорот со јужниот сосед.
„Северна Македонија настрада поради споровите со соседите кои постојано ги менуваат (пристапните) барања за неа. Дел од нашата работа е дипломатски да подготвиме начин за (Северна Македонија) да го одржи договорот што го има со Грција. Мислам дека средбата што ја имавте, како и другите што беа, помогнаа да се задржат работите во овој момент, за Грција да стане пријател, а не пречка за пристапниот процес на Северна Македонија“, истакнал тој, пренесува грчка „Прототема“.
Помошник – државниот секретар на САД исто така истканал и дека официјален Вашингтон се очекува да биде многу активен во разговорите за точниот начин на спроведување на Договорот за добрососедство меѓу Скопје и Софија, веднаш штом Бугарија добие нова и стабилна влада.
Поранешните премиери на Северна Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, го потпишаа договорот за добрососедство во 2017 година.
Софија почна да ја блокира македонската европска интеграција во 2020 година, најпрво со инсистирање на теми поврзани со историјата и јазикот. Подоцна претседателот на Бугарија, Румен Радев почна се посилно да инсистира и на правата на македонските Бугари.