О’Брајан со Џафери: САД се секогаш подготвени да им помогнат на земјите и лидерите кои имаат визија

од Nikola Popovski

Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Џејмс О’Брајан, кој престојуваше во Скопје, се сретнал со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

О’Брајан упатил честитки за се што е постигнато во македонскиот парламент и за севкупните политички процеси кои резултираа со полноправно членство на земјата во НАТО Алијансата и нова фаза на напредни и партнерски процеси со Европската Унија.

Тој ја истакнал подготвеноста на американската влада да обезбеди натамошна поддршка на земјата во однос на евроинтеграциите, како и во рамките на Планот за раст, иницијатива на ЕУ за раст на регионот на Западен Балкан.

Тој потврдил дека САД се секогаш подготвени да им помогнат на земјите и политичките лидери кои имаат визија да направат добро за своите граѓани и кои посветено работат во таа насока, соопштија од Парламентот.

Планот за раст предвидува секоја земја од Западен Балкан да спроведе реформи и на тој начин да влезе на единствениот пазар на Унијата.

На средбата биле идентификувани два проекта кои треба да се реализираат во наредните месеци, за што О’Брајан изрази очекување Џафери како иден технички премиер да даде поддршка за тие да се одвиваат непречено.

Станува збор за проектот за намалување на трошоците при трансфер на финансиски средства и за олеснување на трансферот на товарниот сообраќај, што ќе биде голем поттик за деловни и прекугранични инвестиции, а со тоа ќе доведе до значително подобрување на целокупната економска состојба.

Џафери му се заблагодарил на О’Брајан што САД, како НАТО сојузник, значително придонесува за регионалните иницијативи и негува посветен однос со Северна Македонија.

-Џафери рече дека стратешкото партнерство на двете земји се заснова на заеднички вредности и интереси и дека Северна Македонија е посветена на блиска соработка со САД за повеќе прашања, вклучително и безбедноста, економскиот развој и демократското владеење, информираат од Парламентот.

-Стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД е камен-темелник на односите меѓу двете земји, бидејќи двете земји работат заедно на низа прашања, вклучувајќи ја безбедноста, економскиот развој и културната размена, додал Џафери.

Тој истакнал дека Скопје останува посветено на продолжување на заедничката работа за унапредување на демократијата, доброто владеење, борбата против корупцијата, човековите права и безбедноста во земјата, регионот и светот.

Тој го запознал соговорникот со се што е постигнато во собраниската работа.

Соговорниците изразиле очекување дека во Северна Македонија по изборите ќе продолжат започнатите активности за финализирање на односите со ЕУ и дека сите политички фактори во земјата ќе ја покажат својата волја и визија да придонесат за иднината на граѓаните.

Слични содржини