
Дали кучињата можат да го откријат Ковид-19? Добротворна организација со седиште во Велика Британија верува во ова и започна со обука на кучиња за откривање на коронавирус по претходниот успех во откривање на разни болести, пренесува АФП.
„Medical Detection Dogs“ организација формирана во 2008 година за да се искористи остриот мирис на кучето за откривање на човечки болести, започна да работи на овој проект кон крајот на минатиот месец.
Во просторијата за обука во Милтон Кејнс, централна Англија, кучињата интензивно се обучуваат за да ги намирисаат вирусите и да сигнализираат кога ќе ги најдат. За награда, тие добиваат храна.
Пристапот се заснова на верувањето дека секоја болест шири силен мирис, а кучињата се уникатни во откривање мириси.
Добротворната организација претходно работеше со кучиња за откривање на рак, Паркинсонова болест и бактериски инфекции користејќи примероци земени од пациенти.
„Веруваме дека кучињата можат да го детектираат „Ковид-19“ и ќе можат многу брзо да прегледуваат стотици луѓе, така што да знаеме кој да тестираме и да изолираме“, изјави за АФП Клер Гест, основач и извршен директор на „Medical Detection Dogs“.
„Имаме докази дека кучињата можат да детектираат бактерии и други болести, затоа веруваме дека продолжувањето на овој проект ќе донесе огромна разлика во можноста за контрола на ширењето на „Ковид-19“, додаде Гест.
Таа соработува со лондонската школа за хигиена и тропска медицина (LSHTM) и Универзитетот Дурам во северо-источниот дел на Англија за откривање на маларија. Џејмс Логан, раководител на единицата за контрола на болести на LSHTM, рече дека проектот покажал дека кучињата можат да го осетат мирисот на луѓето со „исклучително голема прецизност“.
Тој додаде дека постои „голема веројатност“ дека тие исто така ќе може да откријат „Ковид-19“ и потенцијално да го „револуционизира нашиот одговор“ на болеста. Тимот има за цел да тренира кучиња во период од шест недели.
Ако биде успешно, кучињата би можеле да бидат распоредени на аеродромите за да се идентификуваат луѓето кои носат вирус. Бројот на заразени се верува дека е поголем затоа што многу земји тестираат само тешки случаи или пациенти кои бараат хоспитализација.