Обвинение за српски државјанин за сообраќајка кај Ростуше

од Andreja Salpe
228 прегледи

Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе обвинителен предлог против српски државјанин за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот, на 13 април, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувајќи товарно возило – влекач МАН со полуприколка, не се придржувал кон прописите, со што го загрозил јавниот сообраќај и предизвикал опасност за животот на луѓето.

Од ударот автомобилот излетал надвор од коловозот. Од повредите здобиени во сообраќајната несреќа на самото место почина А.Ѓ., возач на автомобилот „хјундаи“, додека неговиот сопатник Г.Т. еден ден подоцна им подлегна на повредите во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Уште двајца сопатници во патничкиот автомобил се здобиле со тешки телесни повреди заради кои се пренесени на скопските клиники.

„Движејќи се на регионалниот пат Р1-202 Маврови Анови-Дебар, по десната страна од коловозот, не ја приспособил брзината на движење на возилото кон својствата и состојбите на патот, имајќи ги предвид атмосферските услови, видливоста, прегледноста, густината на сообраќајот и состојбата на возилото. Со влекачот пристигнал на 410 метри пред Ростушки мост со брзина од 60 километри на час, што е поголема од ограничената брзина на таа делница. На влажниот коловоз изгубил контрола врз полуприколката, која се излизгала и преминала на левата сообраќајна лента, косо аголно удирајќи во патничко моторно возило ‘хјундаи’ кое доаѓало од спротивна насока“, појаснуваат од Обвинителството.

Слични содржини