Денешното рочиште од судењето за случајот „Организатори на 27 април“ е одложено за 23 јануари откако на денешното судење Јавното обвинителство дало мислење за примена на Законот за амнестија за обвинетите Миле Јанакиески, Спиро Ристески и Трајко Вељановски, а истото не се однесува на обвинетиот Владимир Атанасовски. Како што информираале од Кривичен суд за МИА, Судот мислењето го доставил до странките во постапката и рочиштето се одложило за 23 јануари до кога треба да одлучи по барањето на странките и мислењето на обвинителство.
Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција потврдија дека го дале мислењето по напатствија од Апелациониот суд. Предметот за организаторите Апелација го укина и сега е на повторно судење во кривичниот суд.
Првично, Основниот кривичен суд Скопје на 26 јули 2021 година им изрече вкупно 25 години затвор на четворицата обвинети за случајот познат во јавноста како „Организатори на 27 април“ и тоа 6 и пол години казна затвор за поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски, 6 години и три месеци казна затвор за екс-министерот за образование Спиро Ристовски, и 6 години и три месеци казна затвор за министерот за транспорт Миле Јанкиески, додека на екс директорот на УБК Владимир Атанасовски шест години казна затвор.
Процесот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Искра Хаџи Василева.
Меѓу обвинетите за овој случај е и поранешниот премиер Никола Груевски, за кого запре постапката бидејќи е надвор од државата. Додека се бара амнестија за „Организаторите на 27 април“, за оние кои упаднаа во Собранието и се во затвор, иако новата власт најавуваше, се уште нема амнестија.