Осомничените Сабахудин Рустеми, директор на ЈП „Комунална хигиена“-Скопје и Аки Саити, раководител во истото претпријатие, се наоѓаат во полициската станица Гази Баба, каде што се уште трае рокот од 24 часа за полициско задржување, додека обвинителството подготвува кривична пријава, потврдија од Основното јавно обвинителство.
„Лицата се задржани и постапката е во тек“, велат од Обвинителството, најавувајќи детали за подоцна.
Според членот 230 од Кривичниот законик, тој што складира, остава или расфрла отпадни материи или постапува со нив, на начин на кој се загрозува животната средина ќе се казни со казна затвор од три месеци до три години. Но, казната може да се изрече до висина од 10 години ако делото предизвикало инфективност, канцерогеност, мутагеност.
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица поради сомненија за сторено кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад од член 230 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничените, од кои едниот в.д. директор, а другиот управител за отпад во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, заедно постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на својата основна дејност за редовно собирање и транспортирање безопасен отпад на подрачјето на Град Скопје, како и на обврските предвидени во Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и на Оперативниот план за одржување на јавната чистота во Градот. Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето на комунален отпад, како и со непрописно управување со отпадот тие овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, во близина на предвидените садови за собирање комунален отпад, со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести.
Ваквите сомненија се утврдени и констатирани со вонредните инспекциски надзори од овластените локални инспектори за животна средина кои излегоа на терен по насоки на јавното обвинителство, како и со експертско мислење за влијанието на отпадот врз јавното здравје и можноста за ширење заразни заболувања од ЈЗУ Институт за јавно здравје на РСМ.
Поради опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.