Обвинителството барало Мијалков да остане во притвор

од Nikola Popovski
333 прегледи

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески информира дека Обвинителството барало да не се прифати понудената гаранција за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

– Обвинителството даваше негативни предлози затоа што процени дека нема увид во имотната состојба на обвинетиот и второ имотот којшто се нуди за гаранција се состои во недвижни предмети кои се нудат по исклучок, инаку гаранцијата по правило се полага во готови пари од една страна, од друга страна понудениот имот нема доволен квалитет за да може брзо да се впаричи, вели Јовески во интервју за МИА.

Појасни дека гаранцијата во основа се полага во пари, во вредности или во други драгоцености коишто лесно можат да се впаричат и дека висината на гаранцијата зависи од семејните и имотните состојби и личноста на обвинетиот.

Не мало значење, според државниот јавен обвинител, има и податокот дека за дел на имотот претходно е воспоставена хипотека од Комерцијална банка Скопје.

– Во постапката Комерцијална банка Скопје даде согласност дека сака да биде доверител од втор ред, додека државата да биде доверител во делот на гаранцијата од прв ред, потоа таа согласност ја повлече и одново даде таква согласност. Со оглед на тоа што за одобрување на кредитите има посебна постапка и интерни упатства и процедури, а Народната банка се грижи за функционирање на банкарскиот систем во земјата, сметам дека Народна банка треба да испита дали со оваа согласност некој излегол вон рамките на своите службени овластувања, или пак се доведени во прашање интересите на другите комитенти на банката, подвлече Јовески.

Вчера беше уважена жалбата на Мијалков од апелација откако Кривичниот суд му одреди мерка притвор за „Плацови на Водно“.

„Не бегам бе, зошто да бегам“, одговори кратко ексдиректорот на УБК, по излегувањето од затворот во Шутка.

Слични содржини