Јавното обвинителство ги следи информациите и ќе постапи доколку бидат утврдени елементи на кривично дело, велат оттаму за „Локално“, во врска со изјавата на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска дека имаа индиции дека се планира попречување на работата и прекин на водоснабдувањето од страна на вработените во „ЈП „Водовод и канализација“ кои најавија штрајк, барајќи итно да се резреши в. д. директорот Марјан Митовски.
Арсовска претходно рече дека сите закани доаѓаат во момент кога е најавена департизација на градската администрација во градот Скопје
– Сакам да потенцирам дека овие лица кои наводно се борат за правата на десетина вработени лица, треба да бидат доблесни и во целост да ја кажат вистината дека ова што го прават, а најавуваат дека ќе го прават во сите други претпријатија, не е борба за работнички права, туку ако го трнат нападот врз мене и нападите што ги инструментализираат против мене, бидејќи овие политички елити не можат на друг начин да се пресметуваат туку одат со лични напади, сакам да потенцирам работниците не треба да бидат нивна маша за политички пресметки, ова не е борба за работнички права, рече Арсовска.
Според неа, не смее да се дозволи некој да излезе и да бара оставка од некого затоа што не му се допаѓа, тоа едноставно не е целта на синдикалното организирање.
ССМ во петокот побара Арсовска итно да го резреши в. д. директорот , Митовски оти ги малтретирал и деградирал вработените, во спротивно градот ќе остане без вода како што во четвртокот остана без јавен превоз.
На вчерашната вонредна прес-конференција, според нив, Арсовска кажала лага дека на скопјани ќе им биде исклучена водата од страна на синдикатот.
-Очигледно за Градоначалничката Арсовска, флагрантното прекршување на законите утврдено од државни органи е само констатирана техничка грешка, што претставува крајно непознавање на прописите и навреда за работниците, а покрај инспекциските служби, неправилности едногласно утврди и Управниот одбор на јавното претпријатие.
Дури 93 вработени за кои Митовски лично сметал дека се непотребни да работат во претпријатието ќе бидат вработени согласно предходниот оглас за продолжување на нивните договори за вработување до крајот на 2022 година согласно програмата за вработување во претпријатието, а укинати се и незаконските задолженија на над 30 вработени во претпријатието, а за што предупредуваше синдикатот, велат од ССМ.
Од таму додаваат дека „срамно и жално е во време на ваква економска криза, градоначалничката на Скопје да се обидува да профитира од лажни вести и да се влева дополнителен страв кај граѓаните кои едвај го поминуваат месецот и секојдневно се заглавуваат во долгови, а работниците во јавните претпријатија да живеат во страв и паника за нивната егзистенција и работа“.
-Претседателот на ССМ, Дарко Димовски како и за секоја друга информација до јавноста укажа на последиците доколку некоја институција влезе во штрајк, дека тоа ќе значи намалување на услугите кои ги нуди јавното претпријатие, во согласност со законите, па доколку штрајкуваат вработените на АД Пошти ќе има застој во приемот и испраќањето на поштата, кога штрајкуваа ЈСП немаше кој да ги управува автобусите, доколку штрајкуваат вработените на Водовод нема да има исклучување на вентили, туку доколку дојде до пукање на цевка ќе нема кој да ја поправи, ќе нема кој да се грижи за пумпите за вода, ќе нема кој да ги управува машините и алатите, едноставно ќе нема кој да ја одржува водоводната мрежа, освен доколку тоа не го прават лично Арсовска и Митовски, рекоа од ССМ.