Докторот Жан Митрев денеска бил повикан на распит во скопското Јавно Обвинителство.
-Митрев е повикан на распит за определени околности во врска со предмет оформен по допрен глас во ОЈО Скопје, информираат од Обвинителството.
Ваквата одлука на Обинителството следи по објавата на документарниот филм „Нечиста крв“ на ИРЛ за клиниката „Жан Митрев“.
Претходно министерот за здравство Беким Сали информираше дека од Клиниката добиле материјали, односно се работи за 560 пациенти, кои биле третирани со хемофилтрација кај ковид-пациенти.
-Мора да се напише извештај за секој поединечен случај. 560 предмети да бидеме реални ќе ни одземат доволно време, за на јавноста ѝ дадеме конечен и прецизен извештај што се случувало во „Жан Митрев“. Дозволете да ја работиме нашата работа. Не би сакал во ниту еден момент да гледаме еднострано на оваа ситуација. Сите сме дел од општеството и да донесеме точен заклучок со случајот. Јас сум спремен 24/7 да бидам во комуникација со новинарите, но во моментов не можам да ви дадам информација пред време. Секоја таква информација, може да биде злоупотребена, објасни Сали до каде трае истрагата.
Истражувањето на ИРЛ се потпира на 24 пријави на граѓани од Македонија и од Косово, кои плаќале илјадници евра без да се известат дека се дел од медицинска студија.
По објавата на документарниот филм од клиниката објавија дека се згрозени од тенденциозниот говор на омраза, употребуван кон нивната институција, како и од неточните наоди, односно од фабрикуваните информации кои се насочени кон креирање на лажна слика во пошироката јавност за работата на клиниката.