Обвинителството го сослушало судијата Ристов, се бара куќен притвор и одземање на пасошот

Ристов се сомничи за корупција, при што во домот на неговите родители во Неготино се пронајдени 350 илјади евра, сокриени во ѕид

од Nikola Popovski
20 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Денеска предметниот јавен обвинител од ОЈО ГОКК го сослушал осомничениот судија Ѓоко Ристов и му ги предочил прибраните докази врз основа на кои се темели основаното сомневање дека ги сторил делата што му се ставаат на товар.

-Ценејќи ги објективните услови што е потребно да бидат исполнети за определување на мерка за обезбедување присуство, како и субјективните што истата ја оправдуваат, на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје јавниот обвинител му достави предлог на осомничениот да му биде определена мерка куќен притвор, информираат од Обвинителството.

Освен оваа мерка, предложено е и определување на мерка на претпазливост – привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.

Ристов се сомничи за корупција, при што во домот на неговите родители во Неготино се пронајдени 350 илјади евра во ѕид.

Постапката во која Советот дава согласност за одредување притвор е итна и се спроведува во рок од 24 часа од доставеното барање.

На свое име Ристов пријавил стан од 70 метри квадратни во Скопје, вози „Пасат“, а на име на сопругата „Опел Астра“, два кредити на негово име 2,7 милиони денари и на име на сопругата 1,5 милиони денари.