Обвинителството изведе докази: Вања била усмртена од половина метар со куршум додека клечела!

од Nikola Popovski
191 прегледи

Во скопскиот Кривичен суд продолжи судењето за убиството на малата Вања Ѓорчевска и пензионерот од Велес, Панче Жежовски. За првпат почна да се изведуваат материјалните докази. Обвинителството тврди дека убиствата на Вања и Панче се мотивирани од користољубие, обвинетите пак, се изјаснија дека не се виновни.

Обвинителката Жаклина Крстевска-Јосифовска соопшти дека еден куршум бил пронајден во телото на Вања при направената обдукција. Таа појасни дека бил од боева муниција со 9 милиметри, производство од 2002 година.

Обвинителката исто така го презентираше доказ за пронајдена леплива лента, која била ставена на устата на девојчето при киднапирањето. На лентата пронајдени се биолошки траги од обвинетиот Велибор Манев.

Според доказите, пукано е од само половина метар врз Вања, од задната страна, додека се движела по калта. Доказите кои ги презентираше Обвинителството покажуваат дека Вања клечела кога бил извршен нападот. Во калта на местото на злосторството бил пронајден отисок од нејзините патики и кал под нејзините нокти, што укажува на нејзина одбрана пред да биде ликвидирана. Овој податок дополнително ја засилува теоријата за свирепоста на убиството, како и укажува на тоа дека Вања била жива и свесна за нападот што следувал.

На изминатите рочишта сведочеа најблиските од семејството на Вања и на Панче, и полициски службеници, вклучени во истрагата. Еден од сведоците, Гоце Трајковски е во бегство, откако полицијата го сомничи за подметнување пожар во кафуле во Кисела Вода. Неколку пати не се појави на судските рочишта, иако неговата мајка го оправдала отсуството поради здравствени проблеми.

На минатите рочишта сведочеа мајката на Вања, ќерката на Жежовски и нејзиниот сопруг, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства, меѓу кои инспектори и членови на политичката партија „Десна“.

За грабнувањата и убиствата на Вања и Панче се обвинети четворица извршители – Љупчо Палевски како првообвинет, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка. Сите обвинети се изјаснија дека се невини.

Слични содржини