Обвинителството ја замрзнува соработката со ДКСК, се налутија поради предметот „Труст“

од Nikola Popovski
332 прегледи

Јавното обвинителство ја оценува како целосно беспредметна и непотребна иницијативата на Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со конфискацијата на имотот во предметот „Труст“. Иако велат ќе ја примат иницијативата како и секоја друга претставка, крајно е нецелисходно ДКСК да поднесува иницијативи за кривично гонење за предмети во кои обвинителството веќе постапува.

-Како што веќе е информирана целата јавност, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција има оформен предмет во кој се опфатени неколку кривични пријави и во чии рамки се испитува постапувањето на сите институции при конфискацијата на имотот на „Трансмет“.

Во рамките на тој предмет обезбедена е целокупната документација, вербални и материјални докази и надлежниот јавен обвинител е пред донесување на јавнообвинителска одлука, сметаат од ЈО.

Порачуваат дека од излагањето на седницата на Државната комисија за спречување на корупцијата, очигледно е дека Комисијата при анализа на предметот немала пред себе бројни докази ниту увид во комплетната фактичка состојба која јавниот обвинител детално ќе ја образложи при носењето на одлуката и ќе ја поткрепи со соодветен доказен материјал.

-Заклучоците на Комисијата во поглед на имотот на „Трансмет“ воопшто ги немаат предвид ниту веќе правосилните одлуки на Апелациониот суд, со кои спогодбите за префрлање на имотот од „Трансмет“ на „Пуцко Петрол“ се огласени за ништовни и правно неважечки, онака како што е предвидено во членот 202 од Законот за кривична постапка, и со кои имотот на Сеад Кочан е трајно впишан во сопственост на државата.

Доколку крајната цел не е обид да се влијае на исходот од постапката што ја води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и свесно да се компромитира, неразбирливо и крајно неодговорно е Комисијата да поднесува иницијатива за кривично гонење во оваа фаза од постапката и врз основа на нецелосно проверени факти, кои не соодветствуваат на доказите обезбедени во предметот.

Особено е неодговорно од една институција како ДКСК, врз вака нецелосно обработени и неточни факти, да излегува надвор од своите надлежности и да прикажува „шеми“ на наводно организирано дејствување, бидејќи тоа единствено е во надлежност на истражните и на судските органи во државата, порачуваат од Обвинителството.

Апелираат ДКСК да се држи до своите законски надлежности и да не нанесува штета на постапките кои се во тек.

-И покрај сите напори на Јавното обвинителство да остварува коректна соработка со ДКСК и да ја вклучи во активностите за борба против корупцијата, членовите на ова тело, наместо да ја насочат енергијата кон сопствените обврски, постојано се конфронтираат со другите институции, предизвикувајќи огромна штета на напорите за справување со корупцијата. Поради еднострано целосно непочитување на потпишаниот Меморандум за соработка, а особено прекршување на членовите 2, 3 и 6, Јавното обвинителство ги замрзнува сите активности предвидени и кои произлегуваат од тој меморандум, стои меѓу другото во соопштението на ЈО.

Членовите на Антикорупциската комисија на вчерашната седница истакнаа дека мрежа испреплетена од голем број учесници потпомогнале во случајот со конфискација на имотот на „Трансмет“.

Дел од имотот кој требало да биде конфискуван во случајот „Труст“ бил преземен од фирми и банки со што била направена штета од над 12 милиони евра, истакна членот на комисијата Шемси Салаи.

Од ДКСК објаснија дека во шемата најголема корист имала фирмата „Пуцко Петрол“, а опремата-движниот имот најверојатно е користен во правење профит за фирми семејно поврзани со осудениот во случајот „Труст“, Сеад Кочан.

Според ДКСК, слабости биле утврдени уште на почетокот на процесот во СЈО, односно дел од имотот стекнат со кривични дела бил користен како гаранција за да не му биде определен притвор на сопственикот на „Трансмет“, Сеад Кочан.

Слични содржини