Обвинителството ќе вложи жалба на ослободителната пресуда за случајот „Тендери“. Јавниот обвинител, Стевчо Дончев во изјава за медиумите рече дека бидејќи постапката сè уште не е правосилно завршена, во овој момент не би коментирал детали од предметот, а сите забелешки на пресудата, како што рече, ќе ги истакнат во жалбата.
Според бранителот на обвинетата Елизабета Канческа-Милевска, адвокатот Сашо Дуковски, ниту еден суд не може да донесе поинаква пресуда од ослободителна пресуда.
Поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска доби ослободителна пресуда за случајот. Покрај првообвинетата, ослободени од обвинението се и второ и третообвинетата, Лидија Лазарова-Цветковска, Јулијана Угриновска.
Според обвинението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.
Ова беше шести обид да се донесе пресуда за случајот „Тендери“, а се суди веќе пет години. Судењето трипати досега се враќаше од почеток поради поминување на 90 дена од рочиште до рочиште, а двапати и поради смена на судија поротник.